Капките за очи кои пред неколку дена се појавија на американскиот пазар, привлекоа огромно внимание во јавноста, особено кај оние кои не можат да го замислат својот ден без очила.
Одобрени од страна на ФДА (Управа за храна и лекови), капките наречени „Vuity“ ветуваат дека се во состојба да ги променат животите на лицата кои се соочуваат со замаглен вид на близина.
За само 15 минути, на очилата можат да заборават околу 125 милиони Американци кои се соочуваат со овој проблем. Сè што е потребно е да капнат по една капка во секое око и во наредните 6 до 10 часа ќе имаат изострен вид.
Тони Рајт, една од 750-те испитаници на кои биле тестирани „Vuity“, вели дека е задоволна од нивната ефикасност.
„Насекаде носев очила. Во канцеларија, тоалет, кујна и додека возев. Одбивав да признаам дека имам проблеми со видот бидејќи тоа ме потсетуваше дека стареам. Ова дефинитивно го менува животот“, изјавила Рајт.
Лекот се издава на рецепт, а влијае на природната способност на окото да ја намали големината на зениците.
„Намалувањето на големината на зениците ја проширува длабочината на фокусот, а тоа ви овозможува природно да се фокусирате на различни распони“, вели Џорџ Воринг, главен автор на студијата.
Капките се предвидени за лица од 40 до 55 години и кај нив се најефикасни, а од компанијата наведуваат дека истите не треба да се користат во текот на ноќно возење или извршување активности во услови на слабо осветлување.
Исто така, послабо делуваат на лица постари од 65 година.
Капките „Vuity“ ќе изнесуваат 80 долари, а се напоменуваат и нивните негативни ефекти како црвени очи и главоболка.
Извор: Klix.ba