Протекоа информации за новите модели на паметни часовници кои Apple ги подготвува за следната година. Секако, како и секоја година, можеме да очекуваме нова генерација на класични часовници, наследници на актуелниот Watch 7 модел, кој ќе донесе стандардни хардверски подобрувања, а можеби и некои нови опции – се споменуваа термометар, мерач на шеќер во крвта итн.
Но, тоа е само дел од она што можеме да го очекуваме од Apple на овој пазар во 2022 година, бидејќи ако му веруваме на познатиот аналитичар Марк Гурман, компанијата на Тим Кук подготвува уште два модели на часовници. Еден од овие модели би требало да биде наследник на моделот SE, кој беше претставен во септември минатата година и се покажа како доста популарен меѓу љубителите на производите на Apple.
Иако ги нема сите опции како Watch 6 моделите и Watch 7 (нема ЕКГ, Always On Display, сензор за следење на заситеноста со кислород), неговата најсилна предност е цената. Секако, бидејќи се работи за производ на Apple, јасно е дека не е евтин уред, но сепак е подостапен и затоа е поинтересен за повеќе луѓе. Освен информации за претставувањето на нов SE модел, Гурман не објави какви новитети може да очекуваме, но јасно е дека ќе има подобар хардвер, некои дополнителни опции поврзани со фитнесот и здравјето и веројатно помодерен дизајн.
Најавата за целосно нов модел на Apple Watch изгледа многу поинтересна. Според Гурман, тоа би требало да биде робусен и издржлив уред која ќе биде отпорен на гребаници, паѓања и удари, а ќе биде првенствено наменет за спортисти и авантуристи. Конкретни детали за овој часовник – под услов овие предвидувања да се точни, веројатно ќе дознаеме дури во септември, кога Apple традиционално ги претставува новите смартфони и часовници.
Сепак, треба да се нагласи дека Apple во март треба да го претстави новиот модел на iPhone SE, па не треба истовремено да се исклучи можноста за претставување на Apple Watch SE 2 како и нов, издржлив часовник.
Поврзани артикли