Германскиот производител на автомобили „БМВ“ денеска објави дека веќе има продадено еден милион електрични возила и оти планира да достигне вкупна продажба од два милиони примероци до 2025 година.

„Околу 70 отсто од продадените електрични возила досега, се хибридни. Компанијата верува дека хибридните модели ќе продолжат да играат важна улога, особено за купувачите за кои полнењето не е лесно достапно“, изјави Питер Нота, член на одборот на фирмата.

Во обид да го намали испуштањето стакленички гасови, автопроизводителот долго време се залага за инвестирање во низа технологии и – не само во електромобили исклучиво со батерии. Компанијата се противи на целосна забрана на автомобилите со внатрешно согорување.

Намерата е до 2030 година најмалку 50 отсто од нивната светска продажба да бидат целосно електрични возила. Но, оттаму неколкупати нагласуваат дека недостатокот на инфраструктура за полнење е главна пречка за побрзо прифаќање на електричните возила.

„Продажбата на BMW во ноември беше малку под нивото од лани. Тоа, бидејќи недостигот на чипови продолжува да ја ограничува понудата“, објави Нота.

Но, компанијата е уверена дека ќе успее да постигне раст на приходите во однос на минатата година.