Науката го препознава концептот на намалување на штетите при креирањето на политиките еглавниот заклучок од научната дискусија која пред извесно време се одржа во Македонската академија на науки и уметности, а по повод завршувањето на мултидисциплинарниот проект „Социјален пристап и прифаќање на намалување на штети преку наука и истражување“. Овој проект го спроведе Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, а беше поддржан одкомпанијата „Филип Морис Интернешнл“.
Заедно со уште неколку научни експерти, во дебатата учествуваше и Проф. Д-р Александар Димовски, дополнителен член во Центарот за стратегиски истражувања „Ксенте Богоев“ при МАНУ, кој што е и редовен професор на Фармацевтскиот факултет во Скопје. Тој ги истакна здравствените аспекти од користењето на алтернативните производи кои вклучуваат регулирано загревање на тутунот.
„Првично, пристапот во овој проект не беше врз основа на наши истражувања, туку направивме детално истражување на достапните податоци од релевантните извори на информации. Користевме списанија со висок фактор на влијание, како и целата достапна регулатива од релевантните агенции во Европа и во Светот, кои што се поврзани со оваа проблематика“, вели Димовски.
Според него, причина за ваквото истражување е големата распространетост на пушењето и штетните последици од него. „Статистичките податоци велат дека има околу една милијарда пушачи на планетата и дека секој шести човек пуши. Сите релевантни податоци кажуваат дека пушењето е еден од главните ризик фактори за развој на најраспространетите заболувања, кои што се поврзани со смртност во развиените земји, а тоа се кардиоваскуларните болести и карциномот“.
Генералниот пристап е како да се справиме со овој проблем и како всушност луѓето да престанат да пушат. Проф. Д-р Димовски посочува дека тоа не е едноставно од две причини. „Пушењето не е само една навика на луѓето која може едноставно да се прекине, најмногу поради тоа што истата е поврзана со создавање на определен вид на зависност. Делумно е психичка зависност, поради ритуалот, но има и класична физичка зависност, која што е поврзана и со посериозната зависност од наркотици. Поради тоа, луѓето кои што пушат знаат колку е тешко да се остават цигарите. Кога се има тоа во предвид, мора да се има многу посериозен пристап, со што ќе се даде поттик за откажување од пушењето. Во многу земји, тутунската индустрија претставува извонредно значаен дел од економијата. Кај нас, иако сме земјоделска земја, дури една четвртина е поврзана со индустријата на тутун. Сето тоа дава посебна нота во однос на овие стратегии за справување со овој проблем“, смета Димовски.
И покрај се позачестеното спроведување на рестриктивни мерки и зголемувањето на цената на цигарите, процентот на пушачи не се намалува пропорционално на рестриктивноста на мерките и не се постигнува саканиот ефект.
„Очигледно е дека зависноста игра многу важна улога и треба да имате одредена помош во тој процес на откажување. Има огромен број на студии и пристапи за помош при откажување од пушењето. Тука се замастителните терапии, гуми за џвакање, инхалаторни спрејови, како и фармаколошка терапија, што се дава како додаток на психотерапијата на оние што сакаат да се откажат од пушење“.
Тој ја потенцираше и новата стратегија што се појави во последните години, а тоа е примената на заменски производи кои што го имитираат пушењето, меѓутоа не се штетни.
„Основниот концепт е дека при користење на овие производи, поради регулираната температура на загревање на тутунот се ослободува и испаруваат само оние состојки, како никотинот, кој што имаат помало или речиси никакво негативно влијание на организмот. Од друга страна, сите оние штетни, испарливи материи кои што согоруваат на повисока температура при класичното пушење, а кои се примарно поврзани со опасните заболувања, остануваат долу во тутунот. Овој пристап го задржува ритуалот на пушење и ја задоволува потребата од цигари, но ја намалува штетноста и помага да се намалат штетните последици и претставува е еден вид мост кон одвикнување од пушењето“, потенцира професорот на Фармацевтскиот факултет.
Од прегледот на досега достапните податоци, како и од сознанијата дека истите се веќе означени како производи кои ја намалуваат штетата од користење на тутун, од страна на релевантни регулаторни агенции, овие производи би требало да се земат во предвид како важна алатка во целокупната стратегија за намалување на штетите од пушењето во корист на јавното здравје.
„Она што го прикажаа истражувањата е дека резултатите од досега спроведените истражувања се усогласени, научно издржани и во согласност со ставот дека алтернативните производи начелно се поврзани со помала штетност по здравјето на луѓето во споредба со пушењето цигари. Во однос на медицинските аспекти од употребата на овие продукти, заклучокот е дека имаат значително помала штетност по здравјето на луѓето во споредба со пушењето цигари, иако одреден ризик секако дека постои, но тој е минорен и компарабилен со ризикот кај непушачи“, истакна Проф. Д-р Александар Димовски. Овие сознанија се воглавно добиени при испитување на култури на клетки и лабораториски животни, како и клинички студии кои се релативно кратотрајни и направени на мал број на испитаници. За конечен заклучок за влијанието на овие производи ќе треба сепак да почекаме на резултатите од големите проспективни клинички студии кои се во тек.