Трката во комерцијалните вселенски летови веќе оди напред и денес повеќе од 85 компании и организации бараат свој удел. Така, некои научници се загрижени и веруваат дека можеби се избрзува, пишува порталот Science Alert.
Пред вонземските патувања да станат секојдневие, светот мора да спроведе основни мерки за биобезбедност. Во спротивно, би можеле да почнеме да примаме несакани посетители. Не се работи само за тоа, но ако астронаутите „успеат да донесат“ туѓ организам на Земјата, тоа би можело да ја наруши биолошката рамнотежа на планетата. Можноста тоа да се случи е мала, затоа што човекот допрва треба да најде живот вон нашата планета, но сепак, треба да бидеме свесни и подготвени за можните последици.
Од друга страна пак, истражувањата покажаа дека и некои земни микроби може да имаат брзи генетски мутации во услови како оние во Вселената. На пр., откако одгледале повеќе примероци на ешерихија коли во услови на микрогравитација, научниците откриле дека таа штетна бактерија станува уште поагресивна и поотпорна на антибиотици. Доколку таков сој случајно отиде во Вселената, па се врати на Земјата, може да претставува поопасна закана за човечкиот живот.
– Малите опасности кои можеби можат да предизвикаат екстремни последици се во срцето на биобезбедноста. Кога работите таму ќе тргнат наопаку, тие навистина тргнуваат на лошо, предупредува биологот Фил Кеси, стручњак за инвазивни видови од Универзитетот во Аделаида во Австралија.
Австралиските биолози веруваат „дека подобрата соработка помеѓу астробиолозите и биолозите специјализирани за инвазивни видови значително ќе ги подобри постоечките меѓународни протоколи за планетарната биобезбедност и за Земјата и за вонземските тела кои би можеле да содржат живот“, се вели во статија на списанието BioScience.
А, се чини дека тековните протоколи не функционираат најдобро. На пр., кога израелско вселенско летало се урна на Месечината во 2019 година, во него имаше и живи суштества со микроскопска големина, кои можеби сè уште се живи на површината на нашиот природен сателит…
Покрај тоа, речиси е невозможно да се задржат копнените микроби на Земјата. Каде и да одат луѓето, тие неизбежно ги носат тие организми со себе.
Затоа, научниците предупредуваат – Вселената е следната граница на биобезбедносниот ризик.
Извор: Index.hr