Во Бразил се откриени остатоци од двоножен диносаурус без заби, кој живеел пред околу 70 милиони години, соопштија вчера истражувачите, нарекувајќи го „многу ретко“ откритие.

Малиот диносаурус, долг околу еден метар и висок 80 сантиметри, припаѓа на тероподи, група двоножни диносауруси за кои се верува дека се месојади. Сепак, збунувачки, новиот вид – наречен Berthasaura leopoldinae – има уста налик клун без заби.

„Беше вистинско изненадување“, велат палеонтолозите кои ги пронашле коските, во соопштението објавено од Бразилскиот национален музеј.

Тие ги објавија своите наоди во списанието Nature, нарекувајќи го откритието еден од најкомплетните скелети на диносауруси пронајдени од периодот на креда во Бразил.

„Отсуството на заби предизвикува сомнеж за исхраната на ова животно. Тоа не значи дека, бидејќи немало заби, не можело да јаде месо, како и многу птици, како што се јастребите и мршојадците. Најверојатно било животно сештојад, бидејќи околината била негостољубива, па морало да го искористи она што го имало на располагање“, вели истражувачот Жоване Алвес Соуза, еден од авторите на студијата.

Извор: Klix.ba