Во групата на најблаги рестриктивни мерки, носењето маски се покажа како најефективно за спречување на болеста COVID-19, покажа истражувањето објавено синоќа во научното списание BMJ.
Во ова истражување, научниците од универзитетите Монаш и Единбург ги анализирале досега објавените анализи за ефективноста на поединечните мерки кои се применуваат од почетокот на пандемијата, заклучувајќи дека носењето маски ја намалува инциденцата на COVID-19 за 53%.
Дополнително, оваа мерка го намалува и бројот на смртни случаи од COVID-19 како и пренесувањето на вирусот Sars-Cov-2.
„Природниот експеримент во 200 земји покажа дека земјите во кои носењето маски било задолжително, имаат 45,7% помала смртност поврзана со COVID-19“, се наведува во истражувањето.
Физичкото растојание се покажало нешто помалку ефикасно во намалувањето на стапката на заболени лица – 25%.
Истражувачите навеле и дека миењето раце ја намалува стапката на инциденца за 53%, при што овој процент е добиен врз основа на анализи на истражувања во кои учествувале помал број испитаници.
Во однос на другите мерки кои се применети, истражувачите изјавија дека претходните студии покажале дека изолацијата, минимизирањето на контактите, периодите на затворање на сите несуштински активности довеле до значително намалување на бројот на пациенти и смртни случаи.
Сепак, како што напоменуваат, општото затворање не е одржливо и потребни се поконкретни мерки кои не го загрозуваат општествениот живот и економијата, а сепак го штитат здравјето на граѓаните.
Во исто време, авторите на истражувањето предупредуваат дека додека не се постигне колективен имунитет, превентивните мерки ќе останат прв избор во спречувањето на болеста, особено на места со мал процент на вакцинирани.
Во моментов во повеќето европски земји носењето маски е задолжително во затворени простории, а дури и земјите кои претходно ја укинаа оваа мерка, како Данска, сега ја враќаат поради зголемениот број на ковид пациенти.
Извор: B92.net