Извештајот наведува дека Законот за електронски комуникации треба дополнително да се усогласи со правото на ЕУ
Европската комисија го усвои Пакетот за проширување за 2021 година заедно со извештаите за напредокот на шесте земји од Западен Балкан, вклучително и Северна Македонија. Извештајот е критички настроен во однос на измените на Законот за електронски комуникации кои беа донесени во април 2021 година.
„Амандманите предвидуваат нови одговорности на регулаторот во однос на претходното безбедносно одобрение за инсталирање на 5G опрема од страна на телекомуникациските оператори. Телеком операторите изразија критики за отсуството на консултации за предложените мерки. Нема понатамошен напредок за финализирање на нацрт-законот за безбедност на мрежи и информациски системи, подготвен во 2019 година. Останува и загриженоста за независноста на регулаторот за електронски комуникации и за назначувањата во регулаторната комисија и менаџментот на Агенцијата за електронски комуникации. Законот за електронски комуникации и Законот за аудио и аудио-визуелни медиумски услуги треба дополнително да се усогласат со правото на ЕУ“, се вели во извештајот на Европската комисија.
Извештајот нагласува и дека нема релевантен напредок во областа на заштитата на конкуренцијата во наведениот период и дека се потребни дополнителни напори за подобрување на конкуренцијата во телекомуникацискиот сектор.
Македонија предложи две нови мерки според подзаконскиот акт на Законот за електронски комуникации, кои настојуваат да се ограничи или исклучи употребата на опрема од провајдери на телекомуникациски мрежи кои се класифицирани како „високоризични“. Како и другите предлози за безбедноста на 5G мрежата и сајбер безбедноста во другите земји-членки на ЕУ и надвор од ЕУ, главното оправдување на Македонија е националната безбедност и потребата од заштита на критичната инфраструктура од влијанието на владите од трети земји. Новите предлози доаѓаат краток период откако АЕК ги покани телекомуникациските оператори да го искажат својот интерес за учество на планираната аукција за распределба на фреквенции за 5G мрежите во јуни 2021 година.
Многу експерти од областа на правото во земјава сметаат дека овие критериуми се спротивни на останатите локални закони и уставниот закон. Во согласност со основните принципи на правото на ЕУ, Европската комисија и земјите-членки на ЕУ го одобрија пристапот кој во целост е заснован на ризик, а земјите-членки треба да делуваат „со целосна почит кон отвореноста на внатрешниот пазар на ЕУ“. Според правните експерти, нацрт-предлозите на Македонија во денешен облик отстапуваат од општите принципи на правото на ЕУ, како и заедничкиот пристап договорен на ниво на ЕУ. Само објективно, транспарентно, правично, а посебно пропорционално регулирање на 5G мрежите може да ја заштити националната безбедност од јасно идентификуваните ризици во согласност со правото на ЕУ.
Во однос на информатичкото општество, во извештајот се наведува дека е подготвена долгорочна стратегија за информатичка и комуникациска технологија (ИКТ), но нејзиното формално усвојување е одложено.
„Стратегијата за развој на дигитални вештини ќе биде дел од ИКТ стратегијата и нејзиниот акционен план. Подобрувањето на дигиталната писменост е приоритет во образовната стратегија. Националниот е-портал за услуги се надградува со повеќе од 130 услуги. Употребата на системот за интероперабилност и понатаму е попречен од недостатокот на комуникациски софтвер во многу институции и недостатокот на волја за целосно искористување на неговите потенцијали. Потребни се поголеми напори и подобрена координација меѓу институциите за модернизација и дигитализација на јавната администрација, вклучително и планираното формирање на Агенција за дигитализација и регистри. Податоците во регистарот на населението треба да бидат целосно поставени и проверени и треба да се користи и за вкрстена проверка на податоците од пописот“, се истакнува во извештајот на Европската комисија.