Обвинителите од Охајо поднесоа тужба против Facebook, неодамна преименуван во Мета, поради неговите алгоритми за работа со деца, објави Волстрит џурнал.
Според тужбата, менаџментот на компанијата го прекршил федералниот закон од 29 април до 21 октомври оваа година со цел да оствари профит, доведувајќи ја јавноста во заблуда за негативните ефекти што нејзините производи можат да ги имаат врз малолетниците. Тужителите, покрај обештетувањето бараат од менаџментот на Мета да преземе мерки за повторно да не ги доведе во заблуда сопствените инвеститори.
Во септември, Волстрит џурнал почна да објавува серија написи за злонамерни практики во компанијата и нејзините услуги. Документите на весникот достави поранешната вработена во Facebook, Френсис Хауген. Во документите се наведува дека социјалните мрежи на компанијата промовираат содржини, што се потенцијално опасни по здравјето на корисниците. Исто така радикални, дури и екстремни содржини не биле повлечени туку промовирани.
Во некои земји, недостатокот на филтрирање на вести на социјалната мрежа доведе до поттикнување омраза и ксенофобија – на пример во Етиопија и во Индија. Во САД, надзорот исто така е значително ослабен по претседателските избори во 2020 година.