Netflix ги претстави своите први игри за паметни телефони кои на почетокот ќе бидат достапни за Android корисниците од целиот свет, соопштено е на блогот на компанијата.

Оваа недела на Netflix е достапно ново ажурирање и вклучува игри. За почеток ќе можат да се играат 5 игри: „Stranger Things: 1984“, „Stranger Things 3: The Game“, „Card Blast“, „Teeter Up“ и „Shooting Hoops“.

„Иако ова е почеток на долго патување, возбудени сме што можеме да овозможиме искуство на играње кое се разликува од она што е моментално достапно – ексклузивни мобилни игри без реклами и без плаќање кое е вклучено во вашата претплата“, соопштуваат од Netflix.

Првите достапни игри имаат релативно едноставна графика и се лесни за играње, но од компанијата додаваат дека со текот на времето планираат да креираат игри за сите видови играчи.

Како што беше претходно истакнато, овонеделното ажурирање на апликацијата на Netflix ќе биде достапно само за уредите на Android додека ажурирањето за iOS уредите односно Apple се планира во наредните месеци.