Ако често се будите ненаспани и уморни, дури и ако сте си ги дозволиле познатите 8 часа сон, можеби едноставно грешите во моментот кога заминувате во кревет.
Имено, експертите тврдат дека најдобро е да заминете на спиење во периодот помеѓу 22 и 23 часот и дека тоа е поврзано со помал ризик од развој на срцеви заболувања.
Ваквото тврдење беше неодамна објавено во „European Heart Journal – Digital Health“, списание на Европското здружение за кардиологија.
„Телото има 24-часовен внатрешен часовник, наречен циркадијален ритам кој помага во регулирање на физичкото и менталното функционирање. Резултатите сугерираат дека раното или доцното заспивање го нарушува телесниот часовник, со негативни последици по здравјето на кардиоваскуларниот систем, иако не ги знаеме причините за тоа“, вели авторот на студијата д-р Дејвид Планс од Универзитетот во Ексетер во Велика Британија.
Студијата опфатила 88.026 испитаници, избрани помеѓу 2006 и 2010 година. Нивната возраст се движела од 43 до 79 години, а 58 отсто од испитаниците биле жени.
Резултатите покажале дека 3.172 учесници развиле кардиоваскуларна болест. Застапеноста била најголема кај оние кои заспивале на полноќ или подоцна, а најмала кај оние кои заминувале на спиење во период од 22 до 22:59 часот.
Во споредба со тој „златен час“, постои 25 отсто поголем ризик од развој на кардиоваскуларни болести ако заспивате на полноќ или подоцна, 12 отсто поголем ризик ако заспивате помеѓу 23 часот и полноќ и 24 отсто поголем ризик ако заспивате пред 22 часот.
„Нашата студија покажува дека оптималното време за спиење во одредена точка од 24-часовниот циклус на телото и дека отстапувањата можат да бидат штетни по здравјето. Најризичното време за одење во кревет е после полноќ, потенцијално затоа што може да ја намали веројатноста да се види утринската светлина која го ресетира телесниот часовник“, објаснува д-р Планс.
„Иако наодите не покажуваат каузалност, времето на спиење се покажало како потенцијален фактор на ризик за срцето, независно од другите фактори на ризик и карактеристики на спиењето. Доколку нашите резултати се потврдат во други студии, времето на спиење и основната хигиена на сонот би можеле да бидат евтина цел на јавното здравје за намалување на ризикот од срцеви болести“, додава докторот.
Извор: Kurir.rs