Американскиот Конгрес побара од производителите на автомобили во следните 5 години да имплементираат технологија во нивните возила што ќе го оневозможи возењето под дејство на алкохол.
Современите автомобили доаѓаат со голем број безбедносни опции кои можат да ги спасат животите на учесниците во сообраќајот, но дури и најнапредната технологија често не може да спречи несреќи предизвикани од пијани возачи. Со вишок на промили во крвта се намалува брзината на реакција и концентрацијата на возачот, како и способноста на лицето кое го управува возилото да носи навремени и правилни одлуки.
Американците сакаат да ја променат таа ситуација и да стават крај на пијаните и опасните возачи зад воланот. Како? Засега немаат конкретен одговор, но јасно е дека технологијата ќе има клучна улога во тоа. Зголемувањето на безбедноста во сообраќајот, а со тоа и намалувањето на бројот на загинати и повредени на патиштата, е дел од големиот инфраструктурен план на Бајден вреден дури трилион долари.
Алкохолот во САД годишно убива повеќе од 10.000 луѓе на патиштата, а околу една третина од сите несреќи во таа земја се пијани возачи. Според барањето на американскиот Конгрес, до 2026 година сите нови автомобили треба да имаат имплементирана технологија која ќе ги спречи луѓето под дејство на алкохол да возат. Нема да се користат тестови за алкохол, но технологијата (еден од предлозите се инфрацрвените камери) во возилата треба пасивно да ги следи возачите и нивното однесување и да ги идентификува луѓето кои се под дејство на алкохол.
На пр. ако возачот е видно уморен, ако не внимава доволно на патот или кога технологијата препознае други знаци дека возачот е под дејство на алкохол, ќе добие предупредување, а доколку таквото однесување и несигурност продолжи, технологијата ќе ги активира сите четири трепкачи и ќе го запре возилото покрај патот.