Процесинг центарот Интернационален Картичен Систем АД Скопје (КаСис) и оваа година е златен спонзор на Четвртата годишна конференција за е-трговија во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Настанот е одлична можност за споделувања на искуства, новитети но и идни значајни проекти поврзани со раст и развој на е-трговијата.
Задоволството е уште поголемо поради тоа што КаСис е спонзор на панел дискусијата „Како и зошто поголема вклученост на жените“ каде г-ѓа Филомена Пљаковска-Аспровска како Амбасадор за С.Македонија на European Women Payments Network (EWPN) имаше свое излагање за лидерскиот потенцијал и специфичната лидершип култура што ја создаваат жените во ИТ и финтек секторот.
„Може да се каже дека Касис е ‘role-model’ за застапеност на жени во менаџментот. Мојата филозофија како жена електроинженер, во индустрија која традиционално се смета за доминирана од мажите, е дека лидершип стилот и култура зависат од пристапот што го имаме кон работата, од потребата да водиме низ себетрансформација и трансформација на опкружувањето како и преку инспирирање низ сопствен пример и постапки. За мене е важно жените да бидат поинволвирани во новите технологии и дигиталната индустрија затоа што имаат што да понудат во поглед на квалитет и капацитет, креативност и иновативност, а не само затоа што се жени. “ – вели извршната директорка на КаСис, г-ѓа Филомена Пљаковска-Аспровска.
Модератор на беше Д-р Нина Ангеловска, жена-амбасадор за е-трговија на УНКТАД и претседателка на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, а учеснички беа Милица Весовиќ Денковска, Директорка за дигитализација на Philip Morris International и Марија Томеска, Претседателка на Управен Одбор на Еуролинк Осигурување АД Скопје.
На панел дискусијата се разговараше и за новите трендови и развојот на е-трговијата.
„Македонскиот пазар го следи глобалниот тренд. Споредбено за месец јуни 2020 година-јуни 2021 година, бројот на трансакции на интернет продажни места е зголемен за 21%, a вредноста на трансакциите пораснала за 61%, односно од 274 милиони денари на 443 милиони денари. Секако ова е резултат и на растот на бројот на виртуелните места на продажба, кој е зголемен за 36%, од 1.223 на 1.661 виртуелно продажно место. – вели Главната извршна директорка и претседателка на Управен одбор на Касис АД Скопје, г-ѓа Филомена Пљаковска-Аспровска, и додава – „Оттука е многу важно да се работи на безбедноста односно на бизнисите да им се овозможи развој во сигурно, безбедно, доверливо и отпорно дигитално опкружување. Мора да нагласам дека имаме квалитетно изградени капацитети, високо квалификувани експерти, изградено ниво на доверба, и национална и меѓународна соработка во областа на сајбер безбедноста. cPay системот на КаСис и целосната инфраструктура е континуирано усогласена со последните барања на меѓународните стандарди. Усогласени сме со последните барања за 3D безбедносниот модел на MasterCard и Visa мрежите.“
По глобалниот пораст од 25,7% во 2020 година, на 4.213 милијарди долари, оваа година очекувано е продажбата ширум светот да се искачи за дополнителни 16,8%, на 4.921 милијарди долари. Според официјалните статистики бројот на трансакциски сметки на физички лица во деловните банки е 3,82 милиони, што е 95% од вкупниот број отворени трансакциски сметки и е одличен предуслов за раст на бројот на издадени картички и останати електронски инструменти како еден од важните фактори за електронска трговија.
КаСис годинава одбележува 20 години раст и успешна работа и континуирано се докажува како доверлив и безбеден партнер за развој на бизнисот и дигиталната трансформација.