Обновливата енергија сè повеќе се смета за клучен фактор во идниот развој на Земјата. Низ животот сигурно барем еднаш сте се сретнале со терминот обновливи извори на енергија. Но дали навистина знаете што претставува овој поим? Постои една кратка, едноставна дефиниција – обновлив извор е секој извор што може да се употребува повторно и повторно, односно не може да се потроши, ниту пак да исчезне. Обновливата енергија, честопати наречена “чиста енергија“, доаѓа од природни извори или процеси кои постојано се надополнуваат. Во категоријата обновливи извори спаѓаат сонце, ветер, вода, биомаса и биогас.
Иако обновливата енергија честопати се смета за нова технологија, искористувањето на моќта на природата одамна се користи за греење, транспорт, осветлување и многу други работи. Но, во текот на изминатите 500 години, како резултат на економичноста, луѓето сѐ повеќе се насочени кон традиционалните извори на енергија, како јаглен и разделен гас. Чистата енергија, освен што е еколошка, има голем број предности. Растечкиот сектор создава работни места, ги прави електричните мрежи поиздржливи, го проширува пристапот до енергија во земјите во развој и помага да се намалат сметките за енергија. Сите овие фактори придонесуваат за сé поголем интерес за обновливата енергија во последниве години на светско ниво.
Сега, кога имаме сѐ поиновативни начини за искористување на енергијата на ветерот и сонцето, обновливите извори на енергија стануваат сé поважен извор на енергија. Иако кај нас не толку често, сведоци сме на поставување соларни панели на покривот на домовите, па сé до инвестиции во ветерни паркови. Силниот развој на обновливите извори на енергија и нивната примена се очекува во иднина да бидат уште поголеми, како резултат на тоа што нудат повеќе можности за снабдувањето со енергија, со што и се намалува зависноста од увезената енергија. На овој начин, со примена на обновливи извори на енергија, се зачувува животната средина, а притоа се подобрува животниот квалитет и се зголемува одржливоста и независноста на енергетскиот систем во една земја.
Имајќи ја предвид важноста на насочувањето кон вакви еколошки решенија чија имплементација ќе резултира со бенефит на неколку нивоа – од граѓаните, бизнис секторот, локалната самоуправа, па сѐ до државата, од суштинска важност е поттикнувањето на новите и идните генерации за согледување на можностите што ги нуди ова поле.
Токму затоа, Студентската конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕЕОР 2021), редовно, секоја година ја опфаќа оваа тема. Деветто издание на конференцијата ќе се одржи во период од 13.12.2021 до 16.12.2021, а учесниците ќе имаат можност да слушнат пленарни предавања, да ги претстават своите трудови и да дискутираат за искористување на енергијата од обновливите извори, нејзината примена, проектирање и соединување во енергетскиот систем.
Воедно, присутните ќе можат да ги дополнат своите знаења преку истражување на актуелни теми, како Дигитализација на системите на обновливи извори на енергија; Примена на паметни мрежи за дистрибуција на електрична енергија во Електроенергетски системи; и Примена на нови и напредни материјали во областа на Обновливи извори на енергија.
Дополнително, оваа година, како дел од СКЕЕОР 2021, присутните ќе имаат можност да го слушнат предавањето на тема: „Фотоволтаични технологии во енергетската транзиција и специфични стратегии за подобрување на перформансите“ од страна на проф. д-р Сандро Нижетиќ. Како дел од ова предавање ќе биде разгледана и дискутирана потребата од технологии за обновлива енергија, а ќе се разговара и за конкретни стратегии поврзани со подобрување на перформансите на фотоволтаичните технологии. Присутните ќе може да го проследат и предавањето на г-ѓа Ерика Светец, Претставничката на здружението “Zelena Energetska Zadruga“, на тема: „Пат кон енергетска ефикасност со фотоволтаици“. Светeц, преку примери од праксата кои вклучуваат и младински ангажман, ќе го сподели своето видување за патот кон енергетска ефикасност. Дополнително, на тема: „Обновливи извори за енергија за паметни одржливи здравствени центри, универзитетско образование и други јавни установи“ ќе говори и проф. д-р Борис Думниќ кој ќе ги претстави реализираните активности во рамки на истоимениот проект.
За сите дополнителни информации поврзани со овогодинешното издание на СКЕЕОР, заинтересираните може да ја посетат официјалната веб страна: www.skeeor.feit.ukim.edu.mk.