Пандемијата на коронавирус доведе до значително зголемување на количината на пластичен отпад ширум светот, објави вчера германската новинска агенција dpa.
Според една проценка, околу 8,4 милиони тони пластичен отпад во 193 земји биле генерирани за време на пандемијата до август, пишуваат експерти од Кинеската академија на науките во Зборникот на Националната академија на науките на САД (PNAS).
За споредба, според Програмата за животна средина на ОН, УНЕП, човечкиот вид произведува околу 300 милиони тони пластичен отпад годишно.
Тим научници предводени од Јиминг Пенг и Пеипеи Ву проценуваат дека најголемиот дел од пластичниот отпад произведен за време на пандемијата на коронавирус доаѓа од болниците, околу 87,4 проценти, особено во азиските земји.
Маските и другата заштитна опрема за лична употреба сочинуваат 7,6 отсто од отпадот, се вели во студијата во понеделникот.
Дополнителен отпад вклучува и амбалажа во која се доставуваат нарачките направени преку Интернет, со 4,7 проценти.
„Пластичниот отпад му штети на морскиот живот и стана главен еколошки проблем“, пишуваат научниците.
„Пандемијата на Ковид-19 доведе до зголемена побарувачка за пластика за еднократна употреба, што го зголемува притисокот врз глобалниот проблем со пластиката кој веќе е надвор од контрола“, додаваат тие.
Досега во светските океани влегле 25.000 тони пластика создадена од пандемијата. Ова претставува долгорочен проблем за морската средина.
Научниците повикаа на подобро управување со проблемот со медицинскиот отпад за време на пандемија, особено во земјите во развој.
Извор: Al Jazeera.net