Во неконвенционално дизајнираниот камера систем, за издвојување е главниот Sony IMX766 1/1.56″сензор од 50 мегапиксели, кој благодарение на автофокусот, продуцира остри фотографии на ниво на многу поскапите смартфони.

Текст и фото: Никола Бурагев

По цели 15 месеци, повторно сме во можност да тестираме еден смартфон на Huawei: колку Huawei nova 9 може да направи во актуелниот момент? Пазарот се промени, некои други играчи го водат главниот збор, а Huawei соочен со бројните предизвици, повторно ја бара својата позиција. По долго време, го нема редовниот Kirin процесор, а кинескиот гигант е принуден да тргне по нов пат.

Што се однесува до камерите, тоа е традиционално област во која Huawei има исклучително силна репутација и од која корисниците имаат големи очекувања. И покрај неконвенционалниот изглед на системот за камери, самите леќи се стандардни, со главна, ултраширока и макро камера, плус сензор за длабочина – нешто што практично можеме да го видиме кај повеќето модели на пазарот, посебно кај средната класа.

Главниот сензор од 50 MP со отвор на бленда од f/1.9 и фокусна должина од 23 mm на хартија ветува, бидејќи практично изгледа идентично како главниот сензор на Huawei P40 серијата, што не е мала работа. Она што е најбитно е дека главната Sony IMX766 1/1.56″ камера од 50 мегапиксели креира остри фотографии, благодарение на технологијата на автофокус. Иако не постои оптичка стабилизација на сликата, нема голем губиток во нијансите и сатурацијата на бои. Присутен е стандарден автофокус преку фазна детекција, но и натаму тука е RYYB системот, кој според својата идеја и реализација се разликува од вообичаените RGB сензори. Фотографиите креирани на дневна светлина се очекувано подобри од снимките креирани во ноќни услови, но тоа не значи дека во услови на слаба осветленост се добиваат лоши фотографии.

Во долниот прстен се наоѓаат три секундарни сензори, а во прашање се 8MP ултраширока камера, 2MP сензор за длабочина и макро камера од 2 мегапиксели. Доколку сте некој експерт за фотографирање или малку ви се тресе раката, од помош ќе ви биде AIS технологијата на стабилизација и за предната и за камерите на задната страна.

Телефото камерата не е дел од овој телефон, туку за зумирање на фотографиите ќе се користи главниот сензор и софтверското кропирање, што интересно дава подобар квалитет од оној што го пружа ултрашироката камера. Фотографиите се сосема солидни, се разбира повторно под услов да имате мирна рака, бидејќи нема стабилизација.

Последната макро камера од 2 MP е коректна, со оглед на практично основните спецификации, но за добра фотографија ќе биде неопходно да фотографирате повеќе пати, бидејќи нема автофокус, па тешко е да се процени дали објектот е на идеални 4 сантиметри од камерата или не.

Кога станува збор за ноќниот режим, Huawei тоа го извршува прилично добро, па главната камера, во повеќето случаи кога имате релативно мирна рака, успева да фотографира со добра осветленост и контраст и многу задржани детали. Бидејќи зумираните фотографии се добиваат и од главниот сензор, дури и тие се многу употребливи, иако очекувано помалку остри.

Што се однесува до снимањето видео, квалитетот од главната камера во 4K резолуција е сосема солиден, со пристојна, но не и идеална стабилизација. Интересно е што и во текот на денот, во некои сцени се забележува одредено ниво на шум, кој е далеку позабележителен на видеата снимени со ултраширокиот сензор. Ноќното видео снимање е многу пријатно изненадување со главниот сензор – продуцира одлични ноќни снимки, додека со ултраширока камера е употребливо, но не баш одлично, што впрочем и не го очекуваме.

Вреди да се спомене дека nova 9 нуди и некои специфични режими на снимање, од slowmotion до истовремено снимање со предната и задната камера, па доколку сте видео блогер, овој телефон има што да понуди во тој поглед. Посебно што на предната страна на уредот е сместена селфи камера од 32 мегапиксели, која е многу добра и може да ја испрати главната камера со квалитетно, па дури и 4K видео снимање. Селфи фотографиите се прилично остри и детални преку ден со солидна репродукција на боите, а навечер доста коректни, па предната камера заедно со главнниот сензор е еден од адутите на овој модел.

Бидејќи ништо не е променето во однос на санкциите кон Huawei во однос на софтверот, компанијата во меѓувреме конечно го претстави својот Harmony OS кој веќе ја достигна верзијата 2.0, а тука е и корисничкиот интерфејс EMUI 12. А каков е Harmony оперативниот систем? Па нема некоја битна разлика во однос на Android, ретко кој корисник ќе забележи нешто специјално, а EMUI интерфејсот ни е добро познат од претходно. Наместо Google мобилните услуги, ги има HMS – односно Huawei мобилните сервиси.

Во денешно време, искуството на користење на ваков телефон не е болно како по воведувањето на санкциите. Она што најмногу недостасуваше на уредите на Huawei во тоа време беа мапите: во меѓувреме, Huawei го претстави Petal Maps, софтвер кој е апсолутно употреблив и многу корисен. Визуелно солидна, навигацијата до саканата дестинација функционира одлично ако одите со автомобил или пешки – само што немате можност апликацијата да ве пренасочи на друга рута во случај на сообраќаен метеж на претходно дефинираната патека. Јавниот превоз не е поддржан, што не значи дека нема да биде во иднина. Исто така, ги нема сите оние објекти како на Google Maps, имиња на институции, ресторани, компании, кафулиња и се што ви е секојдневно потребно и на што сме навикнале. Сè на сè, доста солидна работа од Huawei, отстранет е еден значаен недостаток и повеќе не претставува горлив проблем. А секогаш се на располагање и TomTom и Here мапите.

Што се однесува до апликациите, денес сè е исто така полесно благодарение на Petal Search. Продавницата за апликации AppGalery не е многу е променета, но сепак може да се најдат солиден број на локални апликации, како што се домашните портали и многу популарни банки, бидејќи сите знаеме колку ни е важно да можеме да плаќаме сметки од телефонот. А Petal Search е тука за да ни го олесни преземањето на сите оние апликации за кои моравме да посетуваме различни страници: само внесете го името на саканата апликација и Petal пребарувањето ќе ви ја најде. Основните апликации како Instagram, Facebook, Viber, Whatsapp се инсталираат речиси за исто време како од секоја друга продавница за апликации, и за неколку минути се веќе функционални на Huawei nova 9.

Во однос на самиот кориснички интерфејс, нема големи промени, освен што веднаш забележавме дека Huawei го променил системскиот фонт во поставките. Темниот режим е комбинација од темно сиви и црни бои. Преку Huawei mail апликацијата најнормално можете да се поврзете на Google сметката и се работи целосно нормално.

Huawei nova 9 може да се купи директно од локалните партнери на компанијата – Македонски Телеком, А1, Нептун, Сетек, Анхоч и Техномаркет, по препорачана крајна цена од 29.999 денари.

На македонскиот пазар, моделот е достапен во две бои – Black и Starry Blue, моќната 6-нанометарска мобилна платформа Snapdragon 778G 4G, 8 GB RAM и 128 GB простор, дебелина од само 7,77 мм и тежина од 175 грама. Неговата батерија има капацитет од 4300 mAh, полнењето до 53% трае само 15 минути, а целосното полнење – 38 минути, благодарение на 66W SuperCharge. Иновативните технологии за ладење со течност и графен, исто така, придонесуваат за долгорочно автономно работење на уредот.