Истражувањето од универзитетот „Јеил“ покажува дека луѓето кои не се вакцинирани против Ковид-19, би можеле да се заразат во просек на секои 16 месеци.

Професорот Џефри Таунсенд и неговите колеги од универзитетот „Јеил“ анализирале познати реинфекции и имунолошки податоци од други коронавируси, вклучително и оние кои предизвикуваат Сарс, МЕРС и настинки.

Комбинирајќи ги со антитела и други имунолошки податоци од луѓе кои закрепнале од Sars-CoV-2, успеале да изградат модел преку кој можат да го предвидат ризикот од повторна инфекција со Ковид-19 со текот на времето.

Повторните инфекции ќе станат почести со слабеење на имунитетот

Студијата, објавена во научното списание „The Lancet Microbe“, сугерира дека повторните инфекции ќе станат почести со слабеење на имунитетот, особено кога бројот на инфекции е висок.

„Ако немавме контрола на инфекцијата, ако никој не носеше маска или ако не држевме социјална дистанца, ако немаше вакцини, ќе очекувавме повторна инфекција во период од три месеци до пет години – што значи дека просечен човек треба да очекува дека ќе биде заразен со коронавирусот на секои три месеци до пет години“, рекол Таунсенд.

Претходно истражување спроведено во Данска, објавено во март годинава, покажа дека отпорноста на коронавирусот кај постарите луѓе значително побрзо се намалува отколку кај помладите, но и двете групи со текот на времето го губат стекнатиот имунитет против SARS-CoV-2 вирусот.