Вчера се одржа првата тркалезна маса посветена на “фриленсерството” во Северна Македонија, организирана во рамки на RECONOMY програмата, на која се дискутираше за новите нестандардни форми на “вработување”, со фокус на промоција на фриленсерството преку дигитални платформи, како можност за само-вработување и генерирање дополнителни приходи.
На тркалезната маса присуствуваа претставници од владините и невладините организации, претставници на интернационалните развојни организации, како и независни експерти и фриленсери кои ги споделија своите ставови и гледишта.
Дигиталните платформи за работа кои се користат за давање на најразлични услуги се резултат на најновата технолошка револуција на пазарот на труд. Бидејќи се релативно нови, истражувачите се стремат да ги дефинираат и измерат, додека креаторите на политиката се соочуваат со предизвикот како да ги регулираат. Овие платформи имаат генерално позитивно влијание на економијата и придонесуваат за креирање на работа и иновации и овозможуваат приход за работниците (често дополнителен) и можност за пристап до вработување на ранливите категории на граѓани.
“Во Северна Македонија, жените и младите луѓе ретко се решаваат да започнат со фриленсинг како опција за развој на нивната кариера или дел од неа. Не се информирани ниту охрабрени за таков чекор. Од друга страна, градењето интерес кај овие групи да ги искористат можностите, може да го поттикне економскиот раст во нашатa заедница.. Преку проектот ќе работиме на подобрување на условите за фрилесинг на дигиталните платформи, вклучувајќи и менторство од веќе искусни лица. Иако подигнувањето на свеста за фриленсингот е клучно за овој пилот проект, сепак за долгорочен успех е неопходен системски пристап за регулирање на статусот на овие лица.” – објаснува Елена Иванова, директор на Импакт фондацијата, организатор на тркалезната маса
Фриленсерите се мотивирани од автономија, флексибилност, можноста да се работи на иновативни напредни технологии и да се остварува дополнителна или основна заработка.
Помеѓу главните предизвици за фриленсерите кои беа дискутирани се: неможноста за остварување на работнички и социјални права (особено за женската млада популација); отсуството на форма во постојното законодавство нуди истовремено и флексибилност за работодавачите и сигурност за работниците; комплексните административни процедури за плаќање на данокот на личен доход при остварувањето приходи од странство; отсуство на интернационални софистицирани решенија за наплата како paypal и сл.
Надлежните институции како Министерството за труд и социјална политика, Државниот инспекторат за труд, како и Македонската банкарска асоцијација често се соочуваат со прашања и барања од фриленсери кои се обраќаат до нив во обид да добијат одговор на нивните дилеми и предизвици.
Иако постојат неформални групи на фриленсери на социјалните мрежи, се уште не постои регистрирано здружение кое ќе ги претставува и застапува нивните интереси. Формирањето на вакво здружение беше само една од повеќето препораки кои се дискутираа. Останатите препораки вклучуваа: креирање на платформа за информирање која на едно место ќе ги содржи сите потребни информации за постојните и идни фриленсери, менторски програми за целните групи, истакнување на успешни примери, обуки за доквалификација и преквалифицкација, ново современо законодавство скроено да одговори на брзите промени кои ги налагаат новите технолошки револуции (промени во Законот за работни односи и останатите поврзани закони); олеснување на административните процедури за плаќање на данокот и сл.
“Дискусијата која ја имавме заедно со сите вклучени страни влева надеж дека постои заедничка свест и волја да се работи на оваа значајна тема. Верувам дека оваа дискусија е појдовна основа за кревање на свеста, согледување на предизвиците и можностите и креирање насоки за делување.” – додаваат од Импакт Фондацијата
Инаку RECONOMY програмата, во рамки на која се организираше тркалезната маса е регионална инклузивна и “зелена” програма за економски развој основана од Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (Сида) која се имплементира од Швајцарската Интеркооперација ХЕЛВЕТАС и други партнери ко-имплементатори од Источна Европа, Јужен Кавказ и Западен Балкан. Главната цел на програмата е да им овозможи на жените, младите луѓе и другите ранливи и маргинализирани групи да ги искористат предностите на економските можности за да го зголемат својот приход и да преземат пристојно (само) вработување.