Вкупно 546 иницијативи пристигнаа до ФИТР во рамките на јавниот повик КРЕАТОН, наменет за креирање на дигитални алатки и решенија за справување со последиците од КОВИД-19. „Јавниот повик траеше 72 часа и ваквиот интерес е само показател за нивото на свест и желбата за придонес кај многу наши сограѓани, НВО и компании. Очигледно, и во вакви вонредни околности, креативниот потенцијал и солидарноста се силно изразени во нашето општество“, вели директорот на Фондот, Јован Деспотовски. Иницијалните бројки покажуваат дека 57% од иницијативите се поднесени од компании, здруженија или организации, а околу 43% се поднесени од физички лица. Пристигнатите проекти нудат решенија во седум области – во најголем дел се наменети за образование и едукација, здравство и медицина, ИТ платформи и апликации, но и во доменот на медиуми и информирање, култура, маркетинг, трговија и финансии, како и забава и рекреација. Иницијативите, меѓудругото, опфаќаат решенија за справување со лажни вести, за полесно следење и ажурирање на официјални информациите поврзани со коронавирусот и превентивните мерки, како и следење на состојбата со лицата во самоизолација, дигитални платформи и училници, решенија за квалитетно искористување на слободното време во домот, дигитални книжарници, квизови и игри,  како и решенија за поефикасно работење онлајн и сл. Јавниот повик е заеднички потфат на ФИТР, Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ, МАСИТ и други партнери/експерти, што ќе ја реализираат и евалуацијата на пристигнатите иницијативи. По првата фаза, за сите предселектирани иницијативи ќе се определат 48 часа за изработка на детален план на активности и предлог буџет. Апликантите  чии предлог проекти ќе бидат избрани во фазата на финална селекција ќе имаат обврска да подготват јавна презентација на предлогот пред Комисијата. Јавната презентација на решенијата и евалуацијата ќе се врши онлајн преку видео – конференциска врска. Предлозите ќе се оценуваат според степен на иновативност, рок и механизми за реализација, капацитет на проектниот тим и влијание. Предлог решенијата треба да се имплементираат во кус рок, и да бидат применливи и во нормални услови, по прекинот на превентивните мерки поврзани со КОВИД – 19 вирусот, како придонес кон забрзана дигитализација на општеството. Вкупниот буџет е 10 милиони денари, со максимален износ по апликација од 10.000,00 евра во денарска противвредност. Овој повик е прва од иницијативите на Фондот за справување со последиците од КОВИД-19. Тимот на ФИТР веќе финализира и нови предлози за поддршка на домашната економја, а како дополнение на пакетот економски мерки на Владата.