Коронавирусот предизвикува системска болест и во зависност од тоа кој органски систем е зафатен, неопходна е одредена нутритивна поддршка, како во лекувањето така и во закрепнувањето.
Најзагрозен е респираторниот систем и затоа, освен медицинско лекување, потребно е да се вклучи и нутритивно со цел подобро и полесно закрепнување, вели нутриционистката Инга Марковиќ.
„Исхраната игра клучна улога во превенција и лекување на сите респираторни нарушувања. Секако, соодветната исхрана мора да биде индивидуализирана и базирана првенствено на биохемиската структура на индивидуата. Меѓутоа, постојат некои општи правила кои можат да ја ублажат и олеснат состојбата при респираторни проблеми“, вели Марковиќ.
Акцентот на пост-ковид исхраната, додава нутриционистката, треба да биде ставен на сложените јаглехидрати со многу растителни влакна од интегрални житарици, овошје и зеленчук. Исто така е неопходен зголемен внес на омега-3 масни киселини од риби како лосос и туна.
„Задолжителен е и зголемен внес на хлорофил преку блитва, спанаќ, рукола, кељ, магдонос. Цедениот морков во комбинација со малку целер или магдонос е идеален напиток кој треба да се внесе во нутритивниот план на исхрана, како и цедените сокови од лимон и портокал“, советува Марковиќ.
Вежби за дишење, зачини и маслиново масло
Нутриционистката истакнува дека овошјето и зеленчукот треба да се консумираат сирови, а од зачини препорачува да се користат лук, ѓумбир, ким и бел бибер.
„На пациентите им се препорачува и една лажица ладноцедено маслиново масло, наутро на празен стомак. Маслиновото масло помага во исфрлање на токсините од белите дробови, црниот дроб и цревата. Кај респираторните проблеми, вежбите за дишење се задолжителни, како и престојот на чист воздух без тешки физички активности“.
Без конзервирана храна
Поленот и медот во комбинација со природниот витамин Ц од овошјето и зеленчукот треба секојдневно да се консумира, вели Марковиќ.
„Поединечни конзерванси и конзервираната храна можат да ги зголемат респираторните проблеми, па затоа е најдобро истите да се исклучат од исхраната барем 3 месеци. Кај лицата кои патат од хипертензија треба да се намали и солта и индустриските зачини во истиот период“, заклучува нутриционистката.
Поврзани артикли