Во текот на виртуелната презентација, Apple ја претстави третата генерација на своите безжични слушалки – AirPods. На овој производ одамна се чекаше, а новите слушалки донесуваат поскромни подобрувања во AirPods линијата..

Кога станува збор за дизајнот, Apple ја намали големината на рачката и го подобри дизајнот на слушалките кои сега подобро се вклопуваат во ушната школка. Во пократката рачка се сместени „force“ сензори, кои додаваат подобра функционалност.

Додадени се нови прилагодени драјвери и засилувач со висок динамичен опсег за подобрен квалитет на звукот. Внатрешниот микрофон му помага на уредот да го прилагоди звукот благодарение на новата функција наречена Adaptive EQ. Тука е и Spatial Audio, со динамично следење на движењата на главата и Dolby Atmos за подобрено кино искуство.

Останатите функции на Airpods слушалките вклучуваат AAC-ELD кодек, мрежа за микрофон за подобрување на отпорот во ветровити услови, сензор за детекција на кожа што автоматски го паузира видеото кога слушалките се вадат од ушите, IPX4 отпорност на вода и друго.

Apple укажува и на подобрена батерија за слушалките и истакнува дека полнењето од пет минути ќе овозможи еден час време за слушање. Со придружната футрола, можно е користење до 30 часа. Самата футрола има поддршка за безжично полнење и MagSafe. Можно е спарување со други уреди, а има и Audio Sharing за стриминг помеѓу уредите.

Apple AirPods слушалките од третата генерација ќе се продаваат по цена од 179 долари, во претпродажба се достапни веднаш, а ќе се испорачаат од следната недела.