Со помош на литиум-јонски батерии, мали, компактни електрични авиони како Х-57 можат да летаат, но кога станува збор за големите авиони тука веќе има проблем …
На развој на авиони со електричен погон работат бројни инженери и техничари во различни делови на светот. Airbus на тоа поле работи под името Е-Fan. Rolls-Royce, најпознат по млазните мотори, го гради својот Spirit of Innovation, додека Honda го развива својот еVTOL, кој може да полета вертикално.
Не мирува ниту NASA, американската вселенска агенција. Од 2015 година, на работ од пустината Мохаве во Калифорнија, техничарите работат на авион со електричен погон Х-57, кој својот прв пробен лет ќе го направи од Истражувачкиот центар за летови Армстронг на NASA, во близина на Лос Анџелес, на почетокот на следната година. X-57 е двосед и се напојува со четиринаесет електрични мотори, распоредени на двете крила. Моторите добиваат енергија од литиум-јонски батерии кои му даваат дострел од 160 километри и брзина од 275 km/h.
Со помош на литиум-јонски батерии, мали, компактни електрични авиони како Х-57 можат да летаат. Но, во случај на големи авиони, полни со патници и товар, на пример на лет од Амстердам до Њујорк, тоа е сосема друга работа. Батериите на денешницата се несоодветни за ова. Тие се премногу тешки за да им овозможат на големите авиони да полетаат и летаат.
„За напојување на Boening 737, ќе ви треба батерија со големина колку самиот авион. Тежината игра уште поголема улога во авионите отколку во автомобилите“, вели Џим Хајдман, извршен директор за технологија на летање во NASA. Тој пакет би тежел многу повеќе од самиот авион.
Затоа, воздухопловната индустрија ќе продолжи да ја чека батеријата на иднината, помала и полесна. Се додека недостасуваат вакви батерии, поголемите авиони за долги меѓународни летови можат да се подготват само за одржливи и климатски прифатливи летови со помош на хибридна технологија, комбинација на батерии и гориво.
Во меѓувреме, NASA и други компании ќе обезбедат развој на потребната технологија за електрични авиони. Помина времето кога индустријата ја отфрли идејата за авиони само на електрична енергија. Пример за ова е успешниот лет на Cesѕna за девет патници модифициран од AeroTEC и magniX.
Поврзани артикли