Огромно спојување на 14 галаксии пред повеќе од 12 милијарди години беше забележано од група астрономи кои со помош на најмоќните телескопи во светот надгледуваат повеќе од 90% од универзумот.

Космичкото спојување се случило пред околу 12,4 милијарди години и новосоздадената огромна галаксија продолжила да се шири со ефектот на снежна топка. Според пресметките, до денес повеќе од сто галаксии биле „проголтани“ во оваа мега-галаксија, резултирајќи во вкупна маса тешка колку 1.000 трилиони сонца, со што сега оваа галаксија и официјално е најголемиот објект во универзумот досега забележан.

Снимките и анализите покажаа најмалку 14 посебни галаксии собрани на површина само четири пати поголема од дијаметарот на Млечниот пат. Мал зрак светлина кој астрономите успеаја да го забележат сугерира дека во внатрешната колизија на оваа мега-галаксија можно е да се наоѓаат дури 30 помали галаксии.

Светлината од космичкото спојување почнала да патува кон Земјата отприлика 1,4 милијарди години по Големата експлозија, кога универзумот бил стар само една десетина од неговата возраст.

„Ова ги надминува сите претходни сознанија кои ги имаме за нашиот универзум“, вели Карлос Де Бројк, астроном во Европската вселенска опсерваторија.

Во оваа мега-галаксија малите галаксии одат една кон друга и секоја година се предизвикуваат експлозии, со што се предизвикува раѓање на неколку нови ѕвезди годишно, за разлика од нашата галаксија каде се раѓа само една ѕвезда годишно.

„Останува мистерија како овој збир на галаксии станал толку голем за толку кратко време, но знаеме со сигурност дека тој не растел постепено во тек на неколку милијарди години“, рече Тим Милер, еден од авторите на истражувањето.