Германскиот производител на автомобили Mercedes-Benz потврди дека поради кризата со чипови, не може да ги испорача сите возила со комплетна техничка опрема.

– Во такви случаи, клиентите можат да ги добијат нарачаните автомобили со намалена опрема по пониска цена, изјави портпаролка на Mercedes-Benz.

Доколку купувачот не се согласи со изменетата понуда, може да се повлече од купопродажниот договор, се додава во соопштението.

„Mercedes-Benz со тоа го демантира написот во локалниот дневен весник Штутгартер Нахрихтен, според кој нарачката не може да се откаже.

Оној што ќе преземе автомобил со редуцирана опрема, не може да очекува негова последователна надградба, бидејќи тоа не е секогаш возможно поради технички причини, објави одделот за продажба на Mercedes-Benz. Тие не наведоа колку автомобили се нарачани и кои модели ќе излезат од монтажната линија со намалена опрема поради кризата со чипови.