Експертите од Универзитетот Гент веруваат дека генетските разлики меѓу населението може да објаснат зошто во некои земји настрадаа многу поголем број луѓе од коронавирус.

Според нив, скандинавските земји и оние од Источна Европа се помалку погодени од пандемијата од другите земји како резултат на разликите во гените. Имено, во скандинавските земји бројот на смртни случаи е многу помал од просекот, додека во балканските земји, вклучително и во Македонија, бројот на починати е исто така релативно мал. Наспроти тоа, пандемијата на Ковид-19 сериозно ги погоди северна Италија, Шпанија и Соединетите Американски Држави.

Одредени генетски карактеристики влијаат на нивото на пандемијата на Kовид-19, заклучиле експертите од Гент, објаснувајќи дека откриле очигледна врска помеѓу генот ACE1 и Ковид-19, пренесува „Ла Либре“.

Белгиските научници откриле дека колку повеќе жители на една земја имаат Д-полиморфизам на генот ACE1, толку помалку на тоа подрачје се забележани смртни случаи од Ковид-19.

Полиморфизмот е термин што во генетиката опишува појава на повеќе варијанти на истиот ген во рамките на една популација (повеќе алели на иста локација во ДНК).

„Колку повеќе одиме на исток во Европа, толку е почест полиморфизам на генот ACE1 D. Ова е во корелација со сериозноста на пандемијата на коронавирус, односно гледаме дека епидемијата на Kовид-19 се намалува како што се движиме од западна кон централна и источна Европа”, објасни микробиологот и имунолог Јорис Деланже од Uниверзитетот Гент.