Facebook ја обвини „погрешната промена на конфигурацијата” за речиси шестчасовна блокада што спречи 3,5 милијарди од нивните корисници да пристапат до социјалните медиуми и услугите за пораки, како што се WhatsApp, Instagram и Messenger. Компанијата не наведе на блогот кој ја направил промената на конфигурацијата и дали била планирана.
Неколкумина вработени во Facebook, кои побарале да останат неименувани, за западни медиуми рекоа дека веруваат дека прекинот се должи на внатрешна грешка во начинот на насочување на сообраќајот преку интернет.
Неисправностите на алатките за комуникација преку интернет и другите ресурси што зависат од истата мрежа го влошија проблемот, велат вработените. Безбедносните експерти не ја отфрлија можноста за ненамерна грешка, ниту за саботажа. Facebook и Инстаграм почнаа да се поврзуваат на интернет во понеделникот точно пред полноќ, речиси шест часа по глобалниот пад.
Facebook и неговите апликации „Ватсап” и „Инстаграм” се урнаа вчера доцна попладнето, а некои корисници на Facebook почнаа да добиваат делумен пристап до социјалната мрежа околу 23.45 часот. Губењето на врската беше втор удар за тој гигант на социјалните медиуми во неколку дена, откако „свиркач” во неделата ја обвини компанијата дека честопати дава предност на профитот, наместо да ги потиснува говорот на омраза и дезинформациите.
Акциите на Facebook, кој има скоро две милијарди активни корисници дневно, ја загубија вредноста по извештајот на свиркачот и паднаа за уште 5,3 проценти вчера во попладневнотоо тргување. Мрежите станаа недостапни бидејќи корисниците не беа упатени на вистинското место преку т.н. DNS систем чии поставки се контролирани од Фејсбук, што покажува дека проблемот е внатрешен. Изгледа дека надворешен упад е помалку веројатен, јавија американски медиуми. Facebook призна дека корисниците имаат проблеми со пристапот до неговите апликации, но не даде никакви детали колку врз нив влијаел прекинот на работата.