Apple веќе ги ажурираше iPhone, iPad и Apple Watch за оваа сезона, но се уште ја чекаме надградената Mac линија. Порано имавме многу гласини за тоа дека редизајнираниот MacBook Pro ќе пристигне во текот на есента, а сега Марк Гурман од Bloomberg истакнува дека MacBook Pro со M1X чип ќе пристигне во наредните месеци.
Apple обично ги одржува своите настани, кои се фокусираат на Mac уредите, во текот на октомври или почетокот на ноември. Првите M1 Mac лаптопи беа претставени во ноември минатата година.
Гурман сугерира дека ќе постојат две M1X варијанти на лаптопот, двете со 10-јадрени процесори (осум јадра со високи перформанси и две ефикасни јадра). Разликите помеѓу двата чипа ќе бидат во доменот на графиката – Apple би можел да го понуди M1X со 16 или 32 графички јадра. Кога станува збор за останатите Mac уреди на Apple, Гурман истакнува дека компанијата работи на чип со високи перформанси за идниот Mac Pro, како и на М2 чипот за MacBook Air, iMac и послабите MacBook Pro модели.
Претходните гласини сугерираа дека новата MacBook Pro серија ќе има потенцијални модели од 14 и 16 инчи, со редизајн што ќе овозможи повеќе портови, како што се HDMI и слот за SD картички. Apple би можел да го врати и MagSafe портот за полнење, но и да го отфрли Touch Bar.