Американската федерална агенција за заштита на фауната (FWS) одлучи да прогласи за истребени 23 животински видови, вклучувајќи го и клукајдрвецот со бел клун, кој официјално не е виден од 1944 година.

WS „утврди дека овие видови се истребени“, се вели во соопштението. Започнат е процес за нивно повлекување од листата на загрозени видови.

Владини експерти се обидоа на многу начини да ги најдат овие 23 видови птици, риби и други животни. Тие предупредија дека климатските промени и губењето на хабитатот, заедно со другите притисоци, би можеле да доведат до тоа истребувањата да бидат почести.

„Со климатските промени и исчезнувањето на природните хабитати, сѐ поголем број видови се на работ на истребување. Сега е време за проактивни, заеднички и иновативни начини за спасување на дивината на Америка“, рече Деб Халанд, американски државен секретар за управување со федерални природни ресурси и територии.

Истребувањето на секој од 23-те видови е трајна загуба за природното наследство на Америка, рече Бриџит Фехи од FWS за New York Times.

„Тоа е отрезнувачки потсетник дека истребувањето е резултат на промените предизвикани од човекот во животната средина“, додаде таа.

Меѓу истребените видови има 11 птици, осум слатководни школки, два вида риба, лилјак и едно растение, наведува агенцијата.

Клукајдрвецот со бел клун некогаш бил најголемиот клукајдрвец во Америка, но уништувањето на шумите во јужниот дел на САД го уништило неговото живеалиште. Последен пат е виден во 1944 година во североисточна Луизијана.

Извор: Index.hr