Кога Apple престана да нуди полначи во рамките на iPhone 12 линијата телефони, компанијата објави дека доколку корисниците сакаат поголема брзина на полнење, ќе мора да издвојат уште 25 долари за специјален полнач од 20W. Ова им овозможи на сопствениците на iPhone 12 да постигнат поголема брзина на полнење во споредба со претходните модели на iPhone.

Сепак, се чини дека iPhone 13 Pro Max може да достигне уште поголема брзина на полнење во споредба со неговиот претходник, иако Apple ова не го спомена во текот на презентацијата на iPhone 13. Во видеото, кое на YouTube го објави ChargerLab, iPhone 13 Pro Max беше тестиран со различни полначи.

Врз основа на прикажаните резултати, кога iPhone 13 Pro Max ќе се поврзи со полначи од барем 30W, може да достигне брзина до 27W. Видеото покажува дека брзините на полнење варираат, така што не станува збор за константни 27W. Сепак, ова е повеќе од максималните 22W што го достигна iPhone 12 Pro Max со полнач од 30W.

Видеото покажува и дека, кога се полни со уште помоќен полнач (до 100W), нема премногу разлика во однос на она што се постигнува со 30W адаптери за полнење.