Европската Унија денеска објави дека ќе нареди воведување на универзални полначи за мобилните телефони. Овој потег го налути Apple, кој е познат по тоа што неговите полначи се поинакви и не можат да се користат на други телефони.
Иако најавените промени и натаму не се на сила, сепак Apple уште со самата најава може да биде принуден на одредени чекори.
„Европските потрошувачи веќе долго време се фрустрирани поради тоа што имаат некомпатибилни, а функционални полначи во нивните фиоки. На производителите им дадовме повеќе од доволно време да изнајдат сопствени решенија, но сега е време да воведеме законодавна акција за заеднички полначи”, рече Маргарет Вестангер, шефицата на ЕУ за технологија. Таа додаде дека ова е важна победа за корисниците и околината и во согласност со зелените и дигитални аспирации.
Според Европската комисија, граѓаните на ЕУ во просек поседуваат по три полначи. Меѓутоа, дури 38% од потрошувачите изјавиле дека барем еднаш не биле во можност да го наполнат својот телефон, бидејќи правилниот полнач не им бил при рака. Според Европската комисија, годишно се трошат околу 2,8 милијарди евра за набавка на дополнителни полначи, кои не дошле во комплет со уредот. Европските службеници и претходно правеа напори со цел да ја принудат индустријата да ги стандардизира полначите.
Apple веќе реагираше на новите промени, велејќи дека е загрижен што строгите регулативи кои бараат само еден тип полначи ќе ги обесхрабрат иновациите, што на крајот ќе им наштети на потрошувачите.
Сепак, на крајот, од американскиот технолошки гигант дипломатски додаваат дека ќе се ангажираат со засегнатите страни, за да им помогнат да најдат решение што ги штити интересите на потрошувачите.