Белите куќи на некои им изгледаат монотоно, но тие би можеле да ја спасат планетата.
USA Today пишува дека научниците од Универзитетот Пердју развиле ултра бела боја која рефлектира 98,1% од сончевите зраци, додека емитува инфрацрвено зрачење. Како резултат на тоа, површината останува поладна од околината, па оттаму оваа нова ултра бела боја може во некои случаи ефикасно да ги замени климатизерите. Оваа бела боја го доби Гинисовиот сертификат за својата „рекордна белина“ и е многу поефикасна од обичната боја која всушност ги загрева површините. Покрив од 93 km² обоен со новата бела боја би дал моќност за ладење од 10 kW, што е повеќе во споредба со климатизерите што се користат во повеќето куќи.
Денес веќе постојат бои што ја рефлектираат топлината, но одразот на сончевите зраци не надминува 90% и поради тоа овие бои не ја ладат околината.
Трикот е да се користи висок сооднос на бариум сулфат, соединение кое често се користи за козметика и фотографска хартија, и тоа во честички со различна големина. Поширок опсег на големини на честички помага да се расфрла повеќе светлосен спектар, со што се рефлектира повеќе сончева светлина.
Сѐ уште не е познато кога новата бела боја ќе излезе во продажба, но таа намера постои. Патентите се веќе регистрирани, а белата боја треба да стане ново оружје во борбата против климатските промени. Може да ја елиминира потребата за климатизери во некои домови, особено во топлите региони со многу сончева светлина. Исто така, може да помогне да се намалат емисиите на гас и потрошувачката на енергија и да се заштедат пари за време на жешките летни денови.
Извор: Klix.ba