Четворицата патници се вратија на Земјата по тридневната вселенска мисија во капсулата на SpaceX, Crew Dragon“ што го означи крајот на првиот лет во орбитата на Земјата во кој во целост летаа туристи, односно цивили кои не се астронаути, пренесува CNN.

Капсулата на SpaceX, која е дизајнирана за да не дозволува температурата во кабината да го надмине 30-от Целзиусов степен, го користела својот топлотен штит за да го заштити екипажот од интензивна топлина и таложење на плазма додека патувала кон океанот.

Командантот на мисијата наречена Inspiration4, милијардерот Џеред Ајсакмен, ѝ се заблагодари на компанијата SpaceX, велејќи дека тоа било „едно ѓаволски добро возење“. Екипажот беше прикажан како гледа филмови, а повремено се слушаше и реагирање на контролата на мисијата на SpaceX во нивното целосно автономно вселенско летало пред да започне процесот на повторно влегување во Земјината атмосфера.

Откако патуваше со брзина поголема од 27.500 км/ч., вселенското летало забави, при што неговиот надворешен дел во тој процес достигнал многу високи температури. По излегувањето од леталото, непосредно пред да бидат вратени на Флорида со хеликоптер, екипажот беше забележан како се смее и им мавта на камерите.

„Ова беше одлично патување, но тоа е само почеток“, рече по слетувањето 38-годишниот милијардер Џеред Ајзакман, кој го финансираше патувањето.

Ова е третпат компанијата на Eлон Маск да земе човечки екипаж во вселената и да го врати, по две мисии со НАСА, во август минатата година и мај оваа година. Двата пати се работеше за превоз на астронаути до Меѓународната вселенска станица. Капсулата Dragon патуваше овој пат подалеку од МВС, на надморска височина од 575 километри.

Пред и по летот, ќе се спроведат тестови за да се проучи ефектот на летот врз нивните тела. Целта е да се соберат податоци за идните мисии со цивили.