Израел, кој беше лидер во глобалната трка за победа над коронавирусот, сега е едно од најголемите жаришта на пандемијата. Зошто се случува тоа кога во земјата има огромен број на вакцинирани?
Како што наведува рускиот портал “Доктор Питер”, повикувајќи се на “Блумберг”, на почетокот на септември Израел се соочува со нов бран на коронавирусот. Според статистиките, Израел дневно бележи рекорден број на заразени од Ковид-19.
Експертите истакнуваат дека новиот висок показател на заразени во Израел е поврзан со тоа што луѓето масовно се тестирале пред почетокот на училишната година во земјата. Сериозната причината за новиот бран на коронавирус, кој ги загрижува властите во земјата, е тоа што заштитата која ја даваат вакцините почнува да слабее поради високо заразниот делта сој.
Се истакнува дека вакцините и натаму штитат од тешкиот тек на болеста, иако во земјата стапката на смртност нагло се зголемила во последниот месец.
Експертите стравуваат дека реалните податоци за бројот на заразни во Велика Британија, САД и Израел јасно покажуваат дека ефикасноста на вакцината почнува да слабее.
Според последните податоци, вакцините “Фајзер” и “Модерна” сега го намалуваат ризикот од хоспитализација за 75 проценти, наместо за 95-те проценти кога се појавиле.
Британското истражување, кое го спровело Кралскиот колеџ од Лондон минатата седмица покажало дека две дози вакцина станеле помалку ефикасни во борбата против болеста.
Контролата на имунитетот кај 8.000 Израелци, кои примиле вакцина “Фајзер”, покажала дека типичната концентрација на антитела на ковид-19 шест месеци по вакцинацијата опаднала околу 10 пати. Своите заклучоци научниците ги објавиле на сајтот “medRxiv”.
“Тоа уште еднаш укажува на потребата за ревакцинација меѓу сите чувствителни групи”, пишуваат научниците.
Израел од јуни води кампања за ревакцинација на луѓето постари од 60 години.