Најголемиот погон на светот за апсорпција на јаглерод диоксид директно од воздухот, лоциран во Исланд, денеска започна со работа, соопшти компанијата Climeworks, која стои зад овој проект.

Проектот е резултат на заедничката работа на швајцарскиот старт-ап Climeworks AG, специјализиран за апсорпција на јаглерод диоксид директно од воздухот, и исландската компанија Carbfix за складирање на јаглерод.

Фабриката може да апсорбира до четири илјади тони СО2 годишно, што е количина што испуштаат околу 790 автомобили за една година. Минатата година, светските емисии на СО2 изнесуваа 31,5 милијарди тони, покажуваат податоците на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА).

Директната апсорпција од воздухот е една од неколкуте технологии за извлекување на јаглерод диоксид од атмосферата. Научниците велат дека овој метод е клучен за намалување на глобалното затоплување, за кое се смета дека е причина за топлотните бранови, пожарите, поплавите и покачувањето на нивото на морето.

Фабриката, наречена Орка – што е исландски збор за енергија – се состои од осум големи резервоари, слични на оние што се користат за транспорт на стока. Резервоарите се опремени со високотехнолошки филтри и вентилатори за екстракција на јаглерод диоксид.

Изолираниот јаглерод потоа се меша со вода и се депонира длабоко под земјата, каде што полека се претвора во карпа. Целосниот систем, кој вклучува екстракција, се напојува со обновливи извори на енергија, односно енергија од блиската геотермална електрана.

Директната апсорпција на СО2 од воздухот е се` уште нова и скапа технологија, но експертите кои се занимаваат со тоа се надеваат дека трошоците ќе бидат помали, бидејќи ќе расте бројот на компании и потрошувачи кои бараат да го намалат својот јаглероден отпечаток.

Во моментов, постојат 15 активни постројки за директно вадење CO2 од воздухот во светот, кои заедно, според ИЕА, апсорбираат повеќе од девет илјади тони јаглерод диоксид годишно.

Американската нафтена компанија Оксидентал во моментов ја развива најголемата фабрика за директно извлекување на милион тони јаглерод диоксид од воздухот годишно, во близина на неколку нафтени полиња во областа Тексас.

Climeworks неодамна потпишале десетгодишен договор за купување на јаглерод диоксид со водечката швајцарска осигурителна компанија Swiss Re, а компанијата нуди и услуга за претплата, која им овозможува на потрошувачите да ги отплаќаат трошоците за отстранување на јаглерод на месечно ниво.

Извор: N1info.com