Американскиот производител на електрични автомобили Tesla треба да добие околу 1,1 милијарда евра од европската програма за поддршка на производството на батерии, пишуваат германските медиуми.
Германското министерство за економија чека зелено светло за предложената финансиска поддршка, објави во неделата берлинскиот весник „Тагесшпигел“. Министерството не го коментираше извештајот.
На почетокот на годината, Европската комисија одобри 2,9 милијарди евра државна помош за 12 земји -членки за производство на батерии за електрични автомобили.
Европскиот проект за иновации во батериите предвидува финансирање за екстракција на суровини, дизајн и производство на ќелии и рециклирање и отстранување на батерии, а беше предложен од Австрија, Белгија, Хрватска, Финска, Франција, Германија, Грција, Италија, Полска, Словачка, Шпанија и Шведска.
Дванаесет земји од Европската унија планираат да обезбедат 2,9 милијарди евра за нејзино финансирање во наредните години и нивната поддршка треба да мобилизира дополнителни девет милијарди евра во приватни инвестиции.
Проектот треба да ја поддржи компанијата Tesla, која сака да ја изгради првата фабрика за електрични автомобили во Европа во близина на Берлин, каде што планира масовно производство на батерии.
Производството требаше да започне во јули, но беше одложено поради голем број проблеми, потсетува германската новинска агенција, додавајќи дека Tesla го помести рокот за почеток на производството до крајот на годината.
Поврзани артикли