Американската воздухопловна агенција (FAA) вчера објави дека вселенското летало Spaceship 2 на Virgin Galactic нема повторно да лета поради истрагата за инцидент на летот во јули, кога милијардерот Ричард Бренсон – основачот на компанијата, мина неколку минути во Вселената, а се врати по друга траекторија неодобрена од контролата на летање.

„Вселенското летало нема да може да лета додека FAA не го одобри извештајот за истрагата или не потврди дека проблемите поврзани со инцидентот не влијаат врз општата безбедност“, се вели во соопштението.

Во тек е истрага за отстапување од патеката при летот, што беше внимателно проследен од медиумите и којшто требаше да го означи влезот на компанијата во ерата на вселенскиот туризам.

„’Spaceship‘ отстапи од траекторијата одобрена од контролата на летање, на враќањето кон Спејспорт Америка (космодромот во пустината во американската сојузна држава Ново Мексико)“, се наведува во соопштението.

„Њујоркер“ завчера објави дека во кокпитот на бродот биле вклучени предупредувања за безбедност за време на летот, укажувајќи на сериозен проблем што би можел да доведе до фатален исход.