Индиските астрономи не успеаја во обидот да постават сателит во земјината Орбита. Се работи за уред што ќе испраќа слики во реално време и ќе ги следи циклоните и други потенцијални природни катастрофи, но летот на ракетата беше неуспешен.
Како што објави Индиската вселенска истражувачка организација (ИСРО), техничката грешка се случила во третата, последна фаза по лансирањето во вселенскиот центар Шрихарикоти, во јужна Индија. Сателитот требаше да биде геостационарен, што значи дека ќе се движи околу Земјата со брзината со која ротира планетата. Планот беше и да се собираат податоци за земјоделството, шумите и поморските патишта.
– Бидејќи третата фаза беше неуспешна, (ракетата) не ја достигна брзината со која ќе се издигнеше во орбитата. Ќе се врати на Земјата во одреден миг, а повеќе подробности ќе знаеме подоцна, изјави Палава Багла, една од индиските астрономи.
Ова е четврти неуспех во 14-те лансирања на ракети со геостационарна платформа од 2001 година досега, наведува „Економик тајмс“.
Индија, инаку, има амбициозна вселенска програма со децениско истражување што создаде можност за развој на сателити, комуникации и технологии кои би помогнале да се решат секојдневните проблеми во домаќинството – од движења на риби, до предвидување бури и поплави. Владата одреди рок до 2022 година за испраќање на првите астронаути во вселената.
Поврзани артикли