По најновите набљудувања со радиотелескопи, астрономите го отфрлиле главното објаснување за мистериозниот сигнал од вселената што се повторува во редовни интервали.
Тоа е сигналот FRB 20180916B, кој се повторува на секои 16,35 дена. Претходните модели покажале дека најверојатно е резултат на интеракција помеѓу sвездите кои се во блиска орбита, но новите откритија сугерираат дека причината не може да биде бинарен систем од овој тип.
Брзите радио -рафали (FRB, fast radio bursts) се една од најфасцинантните мистерии во космосот. Тие се исклучително моќни, некои ослободуваат повеќе енергија од 500 милиони Сонца и траат помалку од трепкање на окото.
Една од најважните карактеристики на овие сигнали е дека тие се краткотрајни и непредвидливи. Тие обично се појавуваат одеднаш на некој дел од небото и траат само неколку милисекунди. Повторувачките FRB, односно кога тоа не е само еден интервал, туку неколку по ред, се многу ретки и особено го привлекуваат вниманието на научниците.
Но, уште пофасцинантен феномен од повторувачките FRB се оние што се повторуваат во редовни интервали, на секои неколку дена или месеци, како да се усогласени со некој невидлив вселенски часовник.
“Очекувавме силни ѕвездени ветрови што го придружуваат изворот ФРБ да емитуваат претежно сина, кратка бранова радио светлина. Црвените радио бранови со долги бранови должини требаше да бидат повеќе или целосно блокирани”, вели астрофизичарката Инес Пастор-Маразуела од Универзитетот во Амстердам, Холандија.
“Постојните модели на бинарни ветрови предвидуваа дека пукањата ќе бидат само или претежно во сина боја. Но, видовме сини рафали два дена, а потоа три дена со повеќе црвени радио -рафали. Тоа го исклучи објаснувањето на оригиналниот модел – мора да биде нешто друго“, додаде таа.
Научниците минатата година откриле голема индиција за тоа што може да предизвика FRB. Откриле дека еден од нив бил предизвикан од магнетар, тип неутронска sвезда со исклучително силно магнетно поле, пишува Science Alert.