Двајца пациенти и по 10 години немаат знаци на враќање на болеста по лечењето со CAR-T терапијата.

Две лица, кои биле меѓу првите пациенти кои се лечени со револуционерната CAR-T терапија, со која модифицираните клетки ги уништуваат клетките на специфични видови на рак, и по една деценија ги поседуваат клетките кои го убиваат ракот и кај нив нема знаци на враќање на болеста.

Откритието сугерира дека терапијата со CAR-T клетки претставува “лек” за одредени видови на рак на крвта, иако лечењето на солидни тумори се покажало како поголем предизвик, пишува Guardian.

CAR-T клеточната терапија делува благодарение на генетскиот инженеринг Т-клетките кај поединците кои ги препознаваат и уништуваат клетките на ракот. Т-клетките се вид бели крвни клетки кои можат да ги препознаат и уништат клетките на ракот. CAR-T клетките се конструирани за подобро да ги откријат клетките на рак.

Во Велика Британија терапијата е одобрена за деца и млади лица со Б-клеточна акутна лимфобластна леукемија и за возрасни со одредени видови лимфом.

Во испитувањата, CAR-T терапијата била многу успешна, доведувајќи пациенти кои имале само неколку месеци живот во ремисија, но долгорочните резултати не биле опширно проучувани.

Професорот Карл Џун од Универзитетот Пенсилванија и неговите колеги во списанието Nature навеле дека клетките на двајцата пациенти кои биле лечени со оваа терапија напредуваат и 10 години подоцна. Пациентите боледувале од хронична лимфоцитна леукемија кога во 2010-та година примиле терапија CAR-T и постигнале целосна ремисија во рок од само неколку месеци лечење, што значи дека сите симптоми и знаци на нивната болест исчезнале.

Пациентите ни денеска немаат рак. Еден од пациентите, Даг Олсон, рекол дека по лечењето почнал да трча полумаратони. Кога истражувачите ја погледнале крвта на пациентите, се уште можеле да ги идентификуваат CAR-T клетките кои биле способни да ги убиваат клетките на ракот.

„Овие клетки ги нарекуваме жива терапија, но и за нас беше големо изненадување што се способни да ги убиваат клетките на рак и 10 години по терапијата. Не можеме да кажеме дали секоја клетка рак исчезнала по три недели лечење, или продолжиле да се појавуваат па биле уништувани, но знаеме дека овие CAR-T клетки ја завршиле својата работа. Тие се упорни и функционални“, рекол професорот Џун.

Професорот Мартин Пули, директор на програмата за CAR-T клетките при УЦЛ Институтот за рак рекол дека пред 10 години оваа терапија била пристап со кој се занимавал многу мал број на научници и се сметала за маргинален пристап, па било малку веројатно дека ќе делува. Оваа работа ни покажува дека CAR-T клетките кај пациентите со рак кои веќе не реагираат на хемотерапија, може да дадат ремисија која трае цела деценија.

Професорот Дејвид Портер од Универзитетот Пенсилванија, кој бил вклучен во истражувањето, рекол дека тимот бил неподготвен за тоа колку оваа терапија ќе биде успешна. „Лекарите кои лечат карцином не го користат зборот “излечен” лесно, или да бидам искрен, многу често. Но, сега имаме пацинети како Даг кои немале рецидив и навистина веруваме дека можеме да почнеме да го користиме зборот “излечи”“, рекол Портер.

CAR-T терапијата не делува кај сите пациенти или за сите видови на карцином. Исто така, многу е интензивна и скапа, иако професорот Џун вели дека трошоците ќе се намалат.

„Цврстите тумори е потешко да се лечат со CAR-T клетки бидејќи тие се опкружуваат со протеини и клетки кои ги штитат од имунолошкиот систем. Тоа се нарекува туморско микроокружение“, рекол професор Пули.