Новиот концепт на мотори со мала маса, кој користи водород како гориво, е креација на израелската компанија Aquarius Engines, и се развива од 2014 година
Со погон на водород, Aquarius Twoo Sided Free Piston Linear Engine (FPLE) е дизајниран да генерира електрична енергија за сериски plug-in хибриди или да дејствува за продолжување на автономијата на движење со едно полнење.
Оваа минијатурна машина се состои од само 20 компоненти, од кои само една е подвижна. Иако првично е дизајниран да согорува бензин, тој всушност може да користи различни горива, вклучително и новите синтетички, јаглеродно неутрални течни горива, а во меѓувреме е развиена и тестирана и водородна единица. Aquarius е таканаречен „линеарен“ мотор, бидејќи наместо да ги конвертира спротивставените сили во ротација преку коленестото вратило (како во случајот со конвенционалните клипни мотори), тој користи само еден клип систем кој се движи напред и назад во двотактен циклус, а при секој удар на клипот доаѓа до палење од двете страни на цилиндерот.
Како што наведовме, Aquarius моторот се состои од една клипна комора (долга спона со клип во средината), мал цилиндерски блок во кој се „лизга“ клипот, две глави на цилиндерот (по една на двете страни од блокот) и две внатрешни и две надворешни лежишта , кои ја поддржуваат клипната комора. Овој мотор со воздушно ладење нема потреба од подмачкување, бидејќи има графитни клипни карики и специјален заштитен слој што го намалува триењето. Отсуството на моторно масло значи дека нема протекување или неизгорени јаглеводороди што се создаваат при согорување, што го поедноставува одржувањето, за што креаторите велат дека е минимално и неопходно само по секои 1000 часа работа. За тоа време, еден хибриден автомобил лесно може да помине повеќе од 80.000 километри.
Додека клипот се движи од едната кон другата страна на клипната комора, тој ги исфрла издувните гасови преку отвори во ѕидовите на комората за согорување во стилот на конвенционален двотактен мотор, а потоа вовлекува воздух преку патентиран систем за филтрација на воздух и низ отвори во шупливиот дел од клипната комора. Нема вентили за внесување или изнесување издувни гасови како кај конвенционален мотор, ниту високо-оптеретен механизам за дистрибуција на гориво-воздух кој вшмукува енергија поради напорната работа и триењето.
Има вкупно четири инјектори, по два во секоја глава на цилиндерот од двете страни на уредот. При секој удар, водородот се вбризгува во свеж воздух преку дует инјектори, а потоа смесата се компресира и се пали со свеќичка, за да може циклусот понатаму да се повторува. Патентираниот систем за балансирање на маса е задолжен за намалување на вибрациите.
Овој мотор се придвижува со генератор на батерија или алтернатор на сериски хибрид. Регенеративното сопирање работи на ист начин како и во случај на чисто електричен или хибриден автомобил, кога погонскиот мотор се префрла во генераторски режим додека возилото забавува и испраќа електрична енергија до батеријата.
Точниот датум на почеток на производство се уште не е одреден, о верзијата на моторот со погон на водород е подложена на независно тестирање од страна на AVLSchrick во Австрија. Продолжува работата за намалување на нивото на бучава произведено од електричниот генератор. Покрај употребата во хибридни автомобили, овој мотор е дизајниран така што може да се користи како генератор во телекомуникациски центри, микроелектрични мрежи или како помошно напојување во големи камиони, за потребите на бродови или беспилотни летала.
Извор: Додај Гас