Џеф Безос, најбогатиот човек во светот, пред неколку дена беше во вселената на десетина минути.
Педесет и седумгодишниот милијардер полета на работ на вселената девет дена по летот на Британецот, Ричард Бренсон, кој тоа го направи со ракетниот авион на неговата компанија Virgin Galactic.
– Моите очекувања беа големи, но се драстично надминати. Најдобар момент ми беше погледот кон Земјата и нејзината атмосфера. Секој астронаут, секој што бил во вселената вели дека тоа ги менува луѓето. Воодушевени и вчудноевидени сме од Земјата и нејзината убавина Но, исто така и од својата кревкост – им рече Безос на собраните во Тексас по слетувањето.
Потоа тој го изнесе својот став за тоа како вселенските истражувања можат да бидат клучни за идните генерации.
Jeff Bezos thanks Amazon customers and employees following his successful flight to space this morning. Congrats to Jeff and the team! pic.twitter.com/dKCIT2ZFSM
— Amazon News (@amazonnews) July 20, 2021
– Големите работи се покренати од мали. Ова е важно бидејќи градиме патека кон вселената за нашите деца и нивните деца да можат да ја градат иднината и треба да го правиме тоа. Треба да го правиме тоа и за да ги надминеме проблемите тука на Земјата. Поентата е дека ова е единствената добра планета во Сончевиот систем. Пратени се роботски сонди на сите останати планети, но оваа е единствената добра за нас, во тоа ве уверувам. Мораме добро да се грижиме за неа – додаде тој.
Безос потоа му се заблагодари на неговиот тим во Amazon и на сите клиенти на Amazon што му помогнале да го финансира патувањето во вселената.
– Сакам да се заблагодарам на секој вработен во „Амазон“ и секој клиент на Amazon затоа што плативте за ова. Сериозно, благодарам од срце на секој клиент и вработен во Amazon. Го ценам тоа – заклучи Безос.