Кинеските научници успеаја да создадат микровлакна од мраз кои се многу флексибилни и со тоа се отвораат нови можности за истражување на физиката на мразот.
Кога помислуваме на мраз, обично пред очи ни се појавува студена и цврста површина за која во никој случај не може да се каже дека е флексибилна. Напротив, мразот лесно се крши и брзо пука. Барем така беше досега. Кинеските научници успеаја да создадат микровлакна од мраз кои се многу флексибилни и со тоа се отвораат нови можности за истражување на физиката на мразот.
Mразот не се однесува секогаш како што очекуваме, а совршен пример за тоа е неговата еластичност или, подобро кажано, недостатокот на таа особина.
Теоретски, мразот треба да има максимално еластично напрегање од околу 15 проценти, но досега е измерено максимално еластично напрегање од само 0,3 проценти – големо отстапување од теоретското предвидување. Причината за ова е што ледените кристали имаат структурни недостатоци кои ја зголемуваат нивната кршливост.
Научниците од универзитетот Џеѓијанг во Кина се обидоа да ја зголемат флексибилноста на мразот така што ги создадоа неговите кристали со што е можно помалку несовршености. Ставија игла во ултра ладна комора на околу минус 50 степени Целзиусови. Потоа испуштија водена пареа во комората и создадоа електрично поле. Тоа ги привлече молекулите на водата до врвот на иглата, каде што се кристализираа, формирајќи микровлакна со максимална ширина од околу 10 микрометри, што е потесно од човечко влакно.
Потоа ги спуштија температурите на минус 70 и минус 150 степени Целзиусови и се обидоа да ги свиткаат ледените влакна. Откриле дека влакната на минус 150 степени можат да се свиткаат во скоро кружна форма, со радиус од 20 микрометри; што укажува на максимално еластично напрегање од 10,9 проценти.
Она што е особено интересно е што кога го ослободија мразот, тој не остана во кружен облик, туку се врати во првобитната положба.
„Накратко, овие еластични ледени микровлакна можат да понудат алтернативна платформа за истражување на физиката на мраз и да отворат претходно неистражени можности за технологија поврзана со мраз“, велат научниците во студијата.
Студијата Elastic ice microfibers е објавена во списанието Science.
Извор: Index.hr