Делта сојот на коронавирусот кој побрзо се шири од претходните варијанти, може да биде отпорен на делумната вакцинација, покажало истражувањето од францускиот Институт „Пастер“.
Истражувачите тестирале крв кај луѓе кои претходно биле заразени со Ковид-19, како и оние кои примиле само една доза од вакцините „Фајзер“ или „АстраЗенека“, заклучувајќи дека таквиот вид на заштита не е доволен за неутрализирање на овој сој.
Меѓутоа, само по две дози од вакцината, овој сој успешно ќе биде „нокаутиран“, покажале резултатите од истражувањето објавени во магазинот Nature.
Оливие Шварц, автор на студијата и шеф на одделението за вируси и имунитет на францускиот Институт „Пастер“, изјавил дека резултатите на оваа студија ги објаснуваат примерите за зголемена преносливост на делта сојот, особено кај делумно вакцинираните земји.
„Оваа студија покажува зошто вакцинацијата има заштитна улога од делта сојот само по две дози на вакцината. Една доза од вакцината не активира доволни количини на неутрализирачките антитела“, изјавил Шварц.
Во споредба со алфа сојот кој првпат беше откриен во Велика Британија, делта сојот е четири пати помалку чувствителен на антителата во крвта кај луѓето кои закрепнале од Ковид-19 до 12 месеци по нивната инфекција.
Меѓутоа, со втората доза од вакцината, одговорот на неутрализирачките антитела бил 95 отсто, покажала студијата.
Покрај тоа, антителата произведени со вакцините биле три до пет пати помалку ефикасни против делта сојот, во споредба со алфа и бета варијантата на вирусот.
Извор: Euronews
Поврзани артикли