Комета каква што не е видена во историјата е на пат да мине низ внатрешниот дел на Сончевиот систем за помалку од една деценија, но астрономите велат дека нема причина за грижа.

Кометата 2014 UN271 прв пат била забележана во текот на мисијата за истражување на темна енергија во 2014-та година, но набљудувачите не знаеле податоците покажуваат комета, се до овој месец, пренесува “Upi.com”.

Ја откриле и именувале Педро Бернардинели и Гери Бернстајн, па поради тоа е позната и како Бернардинели-Бернстајн.

„Ја имавме привилегијата да ја откриеме можеби најголемата комета некогаш видена – или барем поголема од било која проучена – и ја фативме доволно рано за луѓето да можат да ја набљудуваат како еволуира додека приоѓа до Сонцето и се загрева“, рекол Бернстајн од Универзитетот Пенсливанија.

„Не го посетила Сончевиот систем повеќе од три милиони години“, истакнал тој, пренесува “Independent”.

Поради големината, некои ја нарекле „мега комета“. Се проценува дека е широка од 94-370 километри. За споредба, Халеевата комета е широка околу 5,5 километри.

Се смета дека астероидот кој имал улога во изумирањето на диносаурусите бил широк околу 11 километри кога удрил во Јукатан, создавајќи кратер широк 200 километри.

Ако „мега кометата“ удри во Земјата, тоа би било катастрофално, со глобални последици и промена на климата. Ако го промаши копното и падне во океан, ќе генерира цунами.

Сепак, експертите велат дека луѓето не треба да се грижат.

Иако е кометата џиновска, за да се гледа потребен е телескоп бидејќи нејзината траекторија е многу далеку од Земјата. Ќе биде невозможно да се види додека не пријде во внатрешноста на Сончевиот систем, дури и со најмоќен телескоп.

НАСА вели дека кометите како оваа, кои имаат орбитални периоди подолги од 200 години, веројатно потекнуваат од Оортовиот облак.

Извор: Blic.rs