На денешниот ден се обележува Денот на астероидите, но дали знаете колку се тие всушност опасни по Земјата?
Постојат помали, но и поголеми астероиди со дијаметар и по неколку километри. Тие веќе на сите им влеваат страв посебно по најавите за удари на астероиди на Земјата.
Колку се поголеми овие тела што ни доаѓаат од вселената, толку поголеми ќе бидат последиците, но затоа веројатноста од удар е помала, имајќи во предвид дека има се помалку поголеми тела во Сончевиот систем.
Астероид со димензии од 75 метри може да доведе до уништување на голем повеќемилионски град. На пример, телото што експлодираше над сибирската тајга во 1908 година се проценува на пречник од околу педесет метри и уништи речиси 2.000 квадратни километри шума. Веројатноста такво тело да ја погоди Земјата е еднаш во илјада години.
Телото од 350 метри би довело до уништување на помала држава, како што е Босна и Херцеговина.
Тело со големина од километар-два би подигнало прашина во атмосферата до тој степен што би уништило поголем дел од растителниот свет и би можело да доведе до мини ледено доба или цунами од големи размери. Веројатноста за такво сценарио е еднаш во 100.000 години.
Астероид со пречник од седум километри и повеќе би довел до глобално уништување и масовно истребување, а веројатноста за такво нешто е еднаш во 100.000.000 години.
Низ историјата, Земјата била изложена на влијанието на бројни астероиди и делови на комети, за што сведочат бројни траги во форма на кратери од различни големини низ целиот свет. Многу траги се скриени и под шумите или морето.
Секако, постојат напори да се изгради систем за да се избегнат катастрофални удари, а Европската вселенска агенција и NASA прават нешто такво со градење на автономни летала, чија цел е спречување удари.