Немам информации дека во Србија се појавил делта-видот на коронавирусот, но јасно е дека е прашање на време кога вирусот што доминира ќе го покрие целиот свет, изјави српскиот епидемиолог Предраг Кон, за РТС.

Тој истакна дека треба да се води сметка за собирите и контактите и препорача оние што не се вакцинирани да не одат на големи собири. Тој ги повика сите, особено младите, да се вакцинираат и рече дека вакцините штитат и од новите видови на вирусот.

„Многу е важно дали вирусот ќе влезе во поголеми кластери, групи, или ќе влезе индивидуално и каква е состојбата во врска со можноста за негово ширење. Имаме релативно солидна состојба, во смисла дека имаме многу вакцинации, но, исто така, имаше и Велика Британија, имаше и Израел, па, сепак, Израел го зголеми бројот на новоинфицирани лица десеткратно од средината на јуни“, рече Кон.

Тој кажа дека делта вирусот се пренесува многу побрзо.

„Оригиналниот вирус се пренесуваше во просек од едно заразено лице на три, а овој се пренесува во просек на пет. Затоа покриеноста со вакцинација мора да биде значително поголема за да се спречи неговото пренесување“, објасни Кон.

Тој истакна дека постојните вакцини штитат од новите видови.

„Тоа е единствениот излез од оваа ситуација и не знам како да изберам зборови, како да пренесам порака до нашето население, дека сега сè зависи директно од младите, без разлика дали се вакцинирани или не, затоа што сега се соочуваме со период на разни прослави, разни фестивали, разни настани каде што ќе има собири. Овие собири ќе бидат безбедни само ако се соберат заштитени луѓе“, истакна Кон.

Тој ги советуваше сите што не се вакцинирани да не одат на вакви собири.

„Во Велика Британија, во однос на новозаболените, односот на вакцинирани и оние кои не се е 1:25“, рече Кон.