Во Европа се појави уште еден нов сој на коронавирус, а го нарекуваат „Делта Плус“. Новиот сој циркулира низ Британија веќе со недели, а експертите тврдат дека е сè уште рано за проценка дали е поопасен од досегашните, пренесува „Mirror“.

Англискиот завод за јавно здравство објави дека е забележан 41 случај на зараза со новата верзија на вирусот АY.1 поврзан со „делта“ сојот, попознат и како индиски сој на коронавирус.

Индиските власти велат дека „Делта Плус“ побрзо се шири, полесно се врзува за клетките во белите дробови и потешко се лекува. Меѓутоа, сè уште се спроведуваат истражувања за тоа дали овој сој е навистина поопасен од досегашните. Во Индија досега се забележани повеќе од 40 случаи на зараза со „Делта Плус“.

Освен во Британија и Индија, новиот сој е забележан и во 10 други држави: Канада, Кина, Јапонија, Непал, Полска, Португалија, Русија, Турција, Швајцарија и САД.

Предизвикува поинакви симптоми од претходно познатите соеви

„Делта“ сојот за првпат откриен во Индија, станува глобално доминантна варијанта на Ковид-19, објави СЗО.

„Делта“ варијантата предизвикува поинакви симптоми од претходно познатите соеви на коронавирусот. Заболените лица се жалат на главоболки, течење на носот и воспаление на грлото. Високата телесна температура е карактеристична и за овој сој, но не и губењето на чувството за мирис и вкус.

Професорот Тим Спектор кој го води истражувањето „Zoe Covid Symptom“ вели дека заразата со „делта“ сојот за помладите лица наликува на настинка. Но, иако можеби не се чувствуваат многу лошо, тие можат да бидат вирулентни и да ги загрозат другите.

Освен тоа, „делта“ сојот го удвојува ризикот од хоспитализација, полесно се шири и предизвикува потежок облик на болеста кај лицата кои не се вакцинирани.

Според британските анализи, лицата кои во целост се вакцинирани со Бионтек или АстраЗенека се многу добро заштитени, а ефикасноста е отприлика подеднакво висока како и кај алфа-варијантата. Ризикот од хоспитализација е намален за повеќе од 90 отсто во споредба со лицата кои не се вакцинирани.

Оние кои примиле само една доза вакцина се значително помалку заштитени.