Eдинствениот македонски производител на High End аудио опрема „Теохаров аудио“ вчера во хотелот Хилтон во Скопје ја претстави својата врвна линија на звучници. Аудио опремата наменета за слушање музика во домашни услови е поделена во три звучни производи – C Type, H Type и Active, кои се рачно изработени од еден од браќата Теохарови, Веселин Теохаров.

Покрај овие три типа на звучници, беше најавена и лимитираната едиција во соработка со нашиот легендарен гитарист Влатко Стефановски, чиј потпис ќе стои на 15 звучници од оваа ограничена серија.

Во изминатиот период, производите со ознака Теохаров се претставени на истакнати регионални саеми за аудио опрема, на кои добија завидни критики и оцени, а има и посебен стручен осврт звучниците објавен во специјализираното списание Hi-Files. Потврда за квалитетот е и добиената оценка 5 од 5 од релевентниот магазин, како и од етаблираниот ирски аудио критичар 6 moons.

Теохаров е македонски бренд за High End аудио опрема, во чии производи се вградени повеќе од 20 години посветеност, работа, знаење и безкомпромисен инжинеринг. Основниот слоган – Наука, Уметност и Музика е преточен во секој производ со ознака Теохаров и претставува синоним за бренд кој ги достигна највисоките стандарди за производство.

Покрај тоа, познатиот локал „Аудиокултура“ лоциран во населба Аеродром е дом создаден од личната пасија на Теохаров кон музиката и префинетиот звук. Се работи за урбан простор каде музиката соединува и концепт за совршено аудио доживување, едукација или едноставно уживање. (Н.Б.)

Фото: Никола Бурагев