Во текот на изминатите месеци, Qualcomm воведе два надградени Snapdragon ARM процесори наменети за преносни компјутери, а сега Samsung претстави нови лаптопи кои ги користат двата чипа.

Новиот Galaxy Book Go ветува инстант перформанси и траење на батеријата до 18 часа со Snapdragon 7c Gen 2 чипсет. Тенкиот и лесен лаптоп од 14 инчи го користи оперативниот систем Windows 10 и може да се конфигурира со 4GB или 8GB RAM и 64GB или 128GB простор за складирање. Лаптопот ќе се најде во продажба од 10 јуни, со почетна цена од 349 долари.

Оние кои сакаат нешто побрзо, на располагање го имаат Galaxy Book Go 5G, кој ќе биде достапен подоцна во текот на годината. Лаптопот го покренува Snapdragon 8cx Gen 2 чип, кој е дизајниран да им конкурира на Core i5 процесорите на Intel. Нема информации за спецификациите и цената на овој лаптоп, но и двата модела имаат сребрен финиш, шарка од 180 степени, Dolby Atmos звук и издржливост на „воените стандарди“.

Претходно лаптопите со Snapdragon пристигнуваа со сопствени ветувања за долг работен век на батеријата, но мораа да направат компромиси кога се во прашање перформансите и компатибилноста на апликациите. Наскоро ќе дознаеме дали новиот SDK и надградениот хардвер ќе бидат доволни за да се создаде поинаква слика за Windows на ARM платформата.