Под мотото „Заеднички влијаеме“, во рамките на првиот Национален Стартап Самит, над 20 претставници од македонската стартап заедница, заедно со претставниците на Владата на Република Северна Македонија, ги дефинираа следните чекори кои треба да се превземат за државата да се позиционира како регионален стартап хаб.

На Самитот кој се одржа во петокот во Скопје, главниот говорник Себастијан Диаз Меса, кој е поранешен директор на Стартап Чиле, ја презентираше стратегијата за развој на стартап екосистемот во Чиле и своето видување за следните активности во нашата држава.

„Верувам дека со потткнување на иновациите може да се постигне континуиран и оддржлив развој на една земја, а за да имаме иновативен процес, потребни ни се стартапите. Државите, екосистемот, компаниите или било која организација може да стане иновативна доколку ги стави луѓето на прво место и ги поттикнува преку меѓусебна комуникација, базирана на доверба, диверзитет и заедничка цел, односно приказна. Убеден сум дека со активностите кои ги презема Р.Северна Македонија за поддршка на претприемништвото, вие сте на прав пат да станете регионален стартап хаб на Балканот“, посочи Диаз Меса.

Според истражувањето кое го направи Стартап Македонија, Фондот за иновации и технолошки развој е институција која за над 60 отсто од стартап компаниите во државата е најголемата финансиска и стратешка поддршка во нивниот развој.

„Заедно со Владата, со Стартап Македонија и сите наши партнери и корисници направивме многу во изминатите седум месеци. За прв пат имаме Национален стартап совет. За прв пат клучните чинители на екосистемот заедно со претставниците на Владата седат на една маса и разговараат за предизвиците на екосистемот, за трендовите во екосистемот, но и за чекорите кои треба да ги преземеме за негова трансформација. Овие разговори ги преточивме во документ и во нареден период барам сериозно сите заеднички да поработиме на законските измени кои и те како се потребни за трансформација на екосистемот”, изјави Коста Петров, директор на Фонд за иновации и технолошки развој.

Петров упати и порака до сите чинители во македонскиот стартап екоситем, заеднички да работат кон креирање на нова, уникатна, модерна, глобална македонска приказна, да продолжат да го слушаат гласот и да ја следат визијата на стартап хероите, а тие да продолжат да не инспирираат и да докажуваат дека може навистина да се успее од нашата земја.

Во рамките на првата панел дискусија „Македонскиот стартап еко систем: Каде сме и каде сакаме да бидеме? 2016-2026” модерирана од Игор Маџов од Стартап Македонија, Гого Рафајловски од SEEU Tech Park, Петар Ниновски од Бреинстер, Весна Иваноска од Seavus Accelerator и Светлана Кордумова од Pixyle.ai го презентираа своето искуството во развојот на нивните стартапи и оргаанизации и заклучија дека на стартап компаниите во државата им е потребна поголема поддршка и насока од другите чинители во македонската економија, со цел да развијат подобри стратегии за пробивање на локалниот и глобалниот пазар.

На Самитот беа презентирани и успешните приказни на иновативните компаниите Стратум РиД, Кодвел, Оренгс Хололеа и Фјучр Иновејшнс кои со финансиска помош на Фондот за иновации и технолошки развој успеаа да развијат успешни бизнис приказни и да бидат мотивација на многу иновативни компании. Претставниците потенцираа дека секој почеток носи многу предизвици и ризици, но никако не треба да се потклекне, зашто секој чекор носи и многу можности кои треба да се искористат за да се успее.

Пристапот до финансии беше една од клучните теми на самитот. Коста Петров од ФИТР, Ели Жабевска од SC Ventures, Игор Андреев од XFactor Accelerator, Драган Димитров од ЦЕЕД клуб на бизнис ангели и Милан Дамчевски од ПроКредит Банка беа согласни дека е потребна поголема инволвираност на корпорациите, бизнис ангелите и инвестициските фондови во поддршка на стартап заедницата. На панелот беше презентирана и стратегијата за развој на Инвестицскиот фонд на ФИТР кој се очекува да биде регистриран до крајот на годината.

Темата на последната панел дискусија на Самитот беше социјално претприемништво и имакт бизниси водени во државата. Бистра Кумбароска, претставник на Стартап Советот; – Владимир Вуксановиќ од Оргалајф, Асиб Зекир од Реди Рециклажа и Горјан Јовановски од Мој Воздух -Горјан Јовановски. Импакт компаниите во нашата земја се партнери и големи поддржувачи на стартап еко системот, со самото тоа што го пренесуваат своето искуство на новите стартапи кои сега започнуваат. Говорниците потенцираа дека секој почеток е навистина тежок, односно додека се сеуште во развој компаниите се соочуваат со многубројни ризици и предизвици. Тие порачаа дека за да се успее треба да се ризикува, да се започне иницијатива и да се искористат сите можности.

„Се надевам дека овој прв стартап самит ќе прерасне во годишен стартап самит и следната година ќе бидеме во уште поголем број, да ги прославиме сите успешни и неуспешни приказни бидејќи од нив се учи и да покажеме дека навистина заеднички можеме да го ја трансофмираме новата економија во нашата земја.“, изјави Нина Николиќ која е ко-основач на Стартап Македонија.

Првиот национален Стартап Самит се одржа во организација на Стартап Македонија, Бизнис Импакт Лаб, Фондот за иновации и технолошки развој и Швајцарската претприемачка програма (Swiss EP). Воведни обраќања на самитот имаа и претседателот на Владата на Северна Македонија, Зоран Заев, вицепремиерот за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи, како и Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија Сибил Зутер Техада.